Дали „Hide My Email“ навистина ја штити вашата приватност?

Функцијата „Hide My Email“ на Apple е создадена за заштита на приватноста, но истражувачи предупредуваат на можен пропуст кој би можел да ги открие вистинските e-mail адреси.

Функцијата „Hide My Email“ на Apple е создадена за да им помогне на корисниците подобро да ја заштитат својата приватност на интернет. Наместо да ја внесуваат својата вистинска e-mail адреса при регистрација на веб-страници, апликации или онлајн сервиси, корисниците можат да користат случајно генерирана адреса.

На тој начин, вистинската адреса останува скриена, а пораките сепак пристигнуваат до корисникот. Идејата е да се намали ризикот од спам, следење и злоупотреба на лични податоци.

Но, според истражувачи од компанијата EasyOptOuts, оваа функција можеби има безбедносен пропуст.

Што е проблемот?

Според извештајот на порталот 404 Media, откриена е ранливост која би можела да овозможи поврзување на скриената Apple e-mail адреса со вистинската адреса на корисникот.

Тоа значи дека функцијата, која треба да ја сокрие вашата e-mail адреса, во одредени случаи можеби не ја нуди целосната заштита што корисниците ја очекуваат.

Од безбедносни причини, истражувачите не објавиле технички детали за тоа како точно може да се искористи пропустот.

Проблемот бил пријавен пред една година

Директорот на EasyOptOuts, Тајлер Марфи, тврди дека неговиот тим уште пред една година го пријавил проблемот до Apple. Според него, компанијата неколкупати одговорила дека го истражува случајот и дека работи на решение.

Сепак, Марфи и новинарот на 404 Media, Џозеф Кокс, успеале повторно да го искористат истиот пропуст при подготовката на извештајот. Тоа укажува дека ранливоста можеби сè уште не е целосно отстранета.

„Не знаеме зошто проблемот сè уште не е решен, но сметаме дека корисниците на Hide My Email заслужуваат да знаат дека постои можност напаѓачи да ги откријат нивните скриени e-mail адреси“, изјавил Марфи.

Тој додал дека во ограничено тестирање со доброволци, секој тестиран Hide My Email налог бил подложен на оваа ранливост.

Apple засега без официјален коментар

Apple засега официјално не се огласил за овие наводи.

„Hide My Email“ е дел од претплатата iCloud+ и важи за една од функциите со кои Apple ја промовира својата политика за заштита на приватноста. Но, ако тврдењата на истражувачите се потврдат, тоа би значело дека корисниците треба да бидат повнимателни кога ја користат оваа опција за чувствителни регистрации или важни онлајн профили.

е-Трн да боцка во твојот инбокс