Хари Кејн ја славеше Златната топка до сабајле во ноќен клуб во Лондон

По освојувањето на престижната фудбалска награда во лондонскиот Паладиум, напаѓачот на Баерн славеше во клуб во Сохо заедно со семејството и пријателите.

Англискиот напаѓач Хари Кејн ја освои Златната топка на свечената церемонија во лондонскиот Паладиум, а најважниот индивидуален триумф во кариерата го прослави до раните утрински часови во ноќен клуб во лондонскиот кварт Сохо. Напаѓачот на Баерн Минхен, кој на 33 години го подигна престижниот фудбалски трофеј, избра најголемиот успех да го сподели со сопругата Кејт, родителите, братот и поранешните соиграчи од Тотенхем.

По завршувањето на официјалната церемонија во лондонскиот театар Паладиум, прославата продолжи во клубот „Сирк ле соар“ во централниот лондонски кварт Сохо. Во клубот англискиот репрезентативец беше пречекан со шампањ и огномети, а дел од атмосферата се појави на социјалните мрежи преку кратки видеоснимки на кои се гледа како Кејн танцува со сопругата и родителите.

На подиумот му се придружија и некогашните клупски колеги од Тотенхем, меѓу кои Ерик Даер, Бен Дејвис и Мет Доерти, додека германскиот клуб Баерн Минхен испрати сопствена делегација од фудбалери и клупски персонал за да му даде поддршка на својот напаѓач. Според извештаите на британските медиуми, Кејн го напуштил клубот во раните утрински часови под придружба на обезбедување.

За време на доделувањето на трофејот, Кејн директно и се обрати на својата сопруга Кејти, нагласувајќи ја нејзината улога во сите фази од неговата професионална кариера.

„На мојата сопруга Кејт, мојата најдобра пријателка. Заедно поминавме низ сите падови и подеми. Ти си мојата најголема поддршка. Всушност, имав чувство дека ја посакуваше оваа награда дури и повеќе од мене“, рече Кејн на сцената.

Фудбалерот додаде дека наградата ја доживува како колективен успех на неговото најблиско опкружување, а не само како лична статистика.

„Ова не е трофеј што го славам само јас, ова е наш заеднички успех. Мој и твој, на нашето семејство и на сите наши најблиски кои беа со нас. Затоа сакам да ти кажам благодарам. Те сакам“, порача напаѓачот.


Освојувањето на Златната топка за Кејн претставува пресвртна точка по години во кои англискиот капитен се соочуваше со критики дека и покрај исклучителната ефикасност нема освоено големи пехари. За разлика од вообичаениот гламур и протоколарни забави што ги диктира модерниот фудбал, изборот на Кејн да слави исклучиво со луѓето со кои ја почна кариерата во северен Лондон испраќа порака за лојалност и скромност што ретко се гледа на ова ниво на светскиот спорт.

е-Трн да боцка во твојот инбокс