Членките на Европската Унија го повлекоа предлогот со кој на Канада требаше да ѝ биде понуден статус на придружна членка. Наместо тоа, во најновиот нацрт на заедничката изјава пред самитот меѓу ЕУ и Канада во Монтреал стои формулацијата „сè поблиска соработка“, покажува дипломатскиот документ до кој увид имаше „Политико“. Брисел ретерираше откако група држави предводени од Германија, Франција и Грција се спротивставија на ваквиот преседан во европската интегративна архитектура.
Иницијативата за формално придружно членство на Канада прва ја изнесе претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во својот септемвриски говор за состојбата на Унијата. Таа најава тогаш ги изненади престолнините на повеќе земји членки.
Дипломатски извори потврдија дека токму Париз, Берлин и Атина реагирале остро против правното дефинирање на ваков статус за географски оддалечена земја. Првичната верзија на текстот предвидуваше двете страни до самитот во 2027 година да работат на воспоставување на концептот „придружен член“, со цел јакнење на економската сигурност и стратешката автономија.
По интервенцијата на влијателните членки, реченицата претрпе суштинска промена во последен момент. Во новиот нацрт експлицитно е наведено дека соработката „сепак не подразбира полноправно членство“.
Случајот со Канада покажува дека Брисел останува ригиден кога станува збор за институционалната структура. Земјите од јадрото на ЕУ не дозволуваат редефинирање на договорите дури ни за најблиските стратешки сојузници, со образложение дека секој хибриден модел би создал хаос во одлучувањето.
Рокот за поднесување официјални приговори на нацрт-документот истече пред самиот почеток на самитот во Монтреал. И покрај спорот околу политичкиот назив, двете страни планираат проширување на трговските врски и пристапот до критичните суровини.
Канадскиот премиер Марк Карни изјави дека дипломатскиот речник не влијае врз крајната цел на разговорите.
„Добрата вест е што конкретните називи или терминологијата не се пресудни. Важно е она што договореното ќе значи за секојдневниот живот на граѓаните на Канада“, рече Карни.
