Хаос на европските аеродроми: Авиокомпаниите бараат итно запирање на ЕЕС

Европските аеродроми и авиокомпании бараат привремено суспендирање на системот EES. Патниците чекаат со часови, а летови полетуваат полупразни.

Европските авиокомпании и аеродроми побараа од Европската комисија привремено да го суспендира новиот биометриски систем за гранични проверки (EES) во текот на летната сезона, предупредувајќи дека долгите редици веќе предизвикуваат сериозни проблеми во воздушниот сообраќај.

Во писмо испратено до претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, претставници на аеродромите, авиокомпаниите и Меѓународната асоцијација за воздушен транспорт (IATA) предупредуваат дека ситуацијата на европските граници достигнала критична точка.

Патниците чекаат и до пет часа

Според нивните информации, на одредени аеродроми патниците чекаат и до пет часа за гранична контрола, поради што некои летови полетуваат полупразни бидејќи дел од патниците не успеваат навреме да стигнат до излезите за качување.

Дополнително, голем број патници се принудени да чекаат надвор од терминалите поради недоволниот капацитет на граничните служби да ги обработат сите пристигнувања.

Барање за суспензија во јули и август

Индустриските здруженија бараат Европската комисија да им овозможи на аеродромите во јули и август привремено да ги прекинат биометриските проверки секогаш кога бројот на патници ќе ги надмине капацитетите на граничните служби.

Тие предупредуваат дека аеродромите, авиокомпаниите и граничните служби се под „неодржлив притисок“ и дека е неопходна итна реакција за да се избегне дополнителен хаос во екот на туристичката сезона.

Туристите размислуваат да ја избегнат Европа

Во писмото се наведува дека дел од меѓународните патници веќе размислуваат да ги откажат своите патувања во Европа поради долгите задржувања на аеродромите, што може сериозно да влијае врз европскиот туризам и воздушната поврзаност.

Претставниците на индустријата предлагаат можноста за привремено суспендирање на системот да остане на сила и по септември, доколку системот сè уште не функционира доволно ефикасно и ако нема доволно персонал за негово непречено спроведување. Тие апелираат Европската комисија и земјите членки да ја земат предвид реалната состојба на терен и навреме да реагираат за да се избегнат уште поголеми проблеми во воздушниот сообраќај во наредните недели.

е-Трн да боцка во твојот инбокс