Хакери упаднаа во главниот систем на американското воено воздухопловство

Инцидентот во системот „Клауд уан“ го вклучи военото сајбер-командно тело во проценка на штетата и ги запре ажурирањата на апликациите.

Непознати хакери извршија пробив во „Клауд уан“ (Cloud One), главната компјутерска облак-платформа на американското воено воздухопловство, соопшти агенцијата „Ројтерс“ повикувајќи се на пет анонимни извори запознаени со случајот. Нападот загрозува обемен сет на чувствителни тактички, кадровски и логистички податоци, поради што во истрагата за проценка на штетата е вклучена и американската воена сајбер-команда (Cyber Command).

Упадот во мрежата бил откриен во текот на изминатиот месец за време на технички работи за надградба на системот. Според два извори на „Ројтерс“, откривањето на нападот предизвикало сериозни нарушувања во функционирањето на целата платформа. Напаѓачите искористиле софтверски пропуст за да стигнат до таканаречената контролна рамнина (control plane). Еден од изворите ја споредил оваа компонента со универзален далечински управувач, бидејќи пристапот до неа теоретски овозможува увид во оперативниот статус на воените авиони и движењето на резервните делови.

Откривањето на пробивот донесе низа итни рестрикции во секојдневното работење на платформата. Два извори, заедно со четврто лице запознаено со истрагата, потврдија дека се стопирани сите активности за префрлање на административните апликации во „Клауд уан“, што претставуваше долгогодишен приоритет на армијата.

Дополнително, блокирани се ажурирањата за апликациите кои веќе работат на оваа платформа. Ваквата мерка го остави персоналот на воздухопловството без можност да инсталира безбедносни закрпи токму во период кога во технолошката индустрија беа објавени нови сериозни софтверски ранливости. Петти извор наведе дека на дел од корисниците им се одземени администраторските права.

Од американското воено воздухопловство за „Ројтерс“ изјавија дека не коментираат за безбедносната состојба, ранливостите или оперативниот статус на конкретни мрежи и системи, додавајќи дека континуирано преземаат мерки за заштита на информациите и мисиите.

Започнат во 2017 година, „Клауд уан“ е замислен како централно дигитално решение за информатичките потреби на американското воено воздухопловство и важи за една од најголемите облак-платформи во армијата на САД. Системот ги спојува инфраструктурните ресурси на четири технолошки оператори – „Мајкрософт“ (Microsoft), „Амазон“ (Amazon), „Оракл“ (Oracle) и „Алфабет“ (Alphabet) – за да опслужува десетици критични апликации.

Меѓу нив се наоѓаат системите за управување со податоци за персоналот и платите, логистиката и одржувањето, но и клучни борбени алатки. Платформата го поддржува системот за командување и контрола базиран на облак, кој собира податоци од радарите за противвоздушна одбрана низ Северна Америка, како и интегрираниот систем за борбена муниција, кој ги следи бомбите и проектилите на повеќе од 200 локации на американското воздухопловство ширум светот. Главен изведувач на проектот до 2026 година беше компанијата „САИК“ (SAIC), по што управувањето го презеде „Леидос“ (Leidos).

Овој упад се случува во период на зголемена загриженост од сајбер-упади потпомогнати од вештачка интелигенција, каде што моделите на ВИ можат брзо да детектираат слабости на широки мрежни површини. Американската влада веќе се соочува со последиците од најмалку шест други неодамна откриени сајбер-инциденти.


Во таа низа спаѓаат два напада врз Федералното истражно биро (ФБИ), претходен хакерски упад во податоци на Пентагон, неодамнешно протекување на информации за персоналот на Министерството за внатрешна безбедност, пробив што погоди најмалку две разузнавачки агенции и напад врз Министерството за финансии. Раководството на „Клауд уан“ во коментар од 2023 година за публикацијата „Федскуп“ (FedScoop) тврдеше дека платформата има 100-процентна успешност во одбивањето на огромниот број обиди за пенетрација, нагласувајќи дека во безбедноста нема простор за грешки.

е-Трн да боцка во твојот инбокс