Скопскиот регион во 2025 година генерирал бруто-домашен производ од 520.919 милиони денари, што претставува 47,1 отсто од вкупната македонска економија. Според претходните податоци на Државниот завод за статистика (ДЗС), главниот град со околината создава речиси исто колку сите останати седум плански региони заедно, а паралелно повлекува и 45,2 отсто од бруто-инвестициите во основни средства на ниво на целата држава.
Вкупниот бруто-домашен производ на Република Северна Македонија во 2025 година изнесува 1.105.239 милиони денари. Од оваа сума, Скопскиот регион сам учествува со 520.919 милиони денари, додека преостанатите седум региони заедно создаваат 584.320 милиони денари или 52,9 отсто од националниот колач.
Втор најголем придонесувач во економијата е Пелагонискиот регион со 111.987 милиони денари, односно 10,1 отсто од вкупниот БДП. По него следуваат Југозападниот регион со 8,7 отсто (96.125 милиони денари) и Југоисточниот регион со 8,2 отсто (91.073 милиони денари). Источниот и Полошкиот регион имаат идентичен удел од по 7,5 отсто, Вардарскиот учествува со 6,4 отсто, додека на дното е Североисточниот регион со само 4,4 отсто од државниот БДП, односно 48.650 милиони денари.
Разликите стануваат уште поостри кога економскиот резултат ќе се подели по глава на жител. Националниот просек за 2025 година изнесува 607.104 денари БДП по жител. Скопскиот регион го надминува овој просек за 40,9 отсто и достигнува 855.646 денари по жител. Единствениот друг регион во државата што е над националниот просек е Југоисточниот со 626.006 денари по жител, или индекс 103,1 во однос на државното ниво.
Сите останати шест региони се под републичкиот просек. Источниот регион бележи 570.257 денари по жител (индекс 93,9), Југозападниот 547.764 денари (90,2), Пелагонискиот 544.434 денари (89,7), а Вардарскиот 521.015 денари по жител (85,8). Најдлабок јаз има кај двата најнеразвиени региони – Полошкиот со 328.069 денари (индекс 54,0) и Североисточниот со 320.882 денари по жител (индекс 52,9). Жител на Скопскиот регион статистички генерира 534.764 денари повеќе годишно од жител на Североисточниот регион, што е разлика од 2,67 пати.
Истата концентрација на капитал се пресликува и кај бруто-инвестициите во основни средства, кои во 2025 година на државно ниво достигнале 265.681 милион денари. Во Скопскиот регион се реализирани 119.979 милиони денари или 45,2 отсто од сите инвестиции во земјата, додека сите останати седум региони заедно добиле 145.702 милиони денари.
Втор регион по обем на вложувања е Југозападниот со 33.908 милиони денари (12,8 отсто од вкупните инвестиции), а трет е Пелагонискиот со 28.550 милиони денари (10,7 отсто). Полошкиот регион учествува со 9,2 отсто (24.320 милиони денари), Вардарскиот со 6,4 отсто, Источниот со 6,3 отсто, а Југоисточниот со 6,0 отсто. Најмалку инвестиции во основни средства во 2025 година повторно има во Североисточниот регион – само 9.335 милиони денари, што претставува 3,5 отсто од вкупните вложувања во државата.
