Полски десничарски пратеник со чекан демолираше споменик на Украинци

Гжегож Браун со тежок чекан кршеше плоча на припадници на УПА, тврдејќи дека обележјето шири навреди и нацизам.

Лидерот на полската радикална десница и пратеник Гжегож Браун објави видеоснимка на која со голем чекан удира и оштетува спомен-обележје подигнато за припадници на Украинската востаничка армија (УПА). Инцидентот се случи во селото Лиски, на неколку километри од полско-украинската граница, во период на обновени историски тензии меѓу Варшава и Киев околу улогата на овие паравоени сили од Втората светска војна.

На видеото што самиот го објави на социјалните мрежи, Браун и уште едно машко лице наизменично удираат со чекан по предната страна на споменикот. Притоа се гледа како директно го кршат камениот дел на кој се врежани имињата на загинатите.

Браун изјави дека ова спомен-обележје мора да биде целосно отстрането бидејќи, според него, „ја навредува меморијата на жртвите на украинскиот геноцид врз Полјаците“ и претставува „величање на нацизмот“.

Споменикот во пограничното село Лиски означува гробно место на 41 припадник на УПА. Нив во 1946 година, непосредно по завршувањето на Втората светска војна, ги ликвидираше советската тајна полиција НКВД. На ова подрачје во минатото живееше бројно украинско население.

Обележјето и претходно беше мета на напади. Минатиот месец непознати сторители го испрскаа со црна боја и го оштетија лакот, а деновиве беа забележани и нови оштетувања на натписот. Полската полиција веќе водеше истрага за вандализам, оштетување туѓ имот и поттикнување етничка омраза. По новата снимка, десничарскиот пратеник сам го документираше своето учество.

Украинската востаничка армија за време на Втората светска војна се бореше против советските сили, но полските историчари и институции ја сметаат за одговорна за масовни колежи врз цивилното полско население во Волинија и Источна Галиција.

Додека официјален Киев на делови од овие формации гледа како на борци за независност од советската окупација, Полска со години бара ексхумација на жртвите и официјална осуда на злосторствата. Постапката на Браун уште повеќе го вжештува ова историско прашање на теренот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс