Search

Гувернер во конфликт со Мики Маус – дали Дизни може да го попречи во играта за претседател на САД?

По одлуката на Рон Десантис за одземање на привилегиите на Дизни, компанијата го тужеше гувернерот пред федерален суд за наводно казнување на компанијата за користење на правата за слобода на изразување гарантирана со првиот амандман, поради тоа што го искритикувале Десантис во врска со донесените закони.

Гувернерот на Флорида и еден од водечките кандидати на Републиканската партија за претседателските избори во САД идната година, Рон Десантис започнаа жестока правна битка за контрола врз земјиштето на кое што е изграден „Светот на Дизни“ во Орландо, Флорида.

Целото конфронтирање помеѓу Десантис и Дизни започна минатата година, откако гувернерот на Флорида го донесе т.н. закон „Не вели геј“ (Don’t say gay), кој има цел да ги забранат дискусиите за родовиот идентитет и сексуалната ориентација во јавните училишта за децата до трето одделение. Но, освен овој закон, во периодот кој следеше беа донесени и низа на прописи со кои забраната се прошири и ги вклучува и средношколците и се забранува на трансродовите лица да ги менуваат своите изводи и да добиваат нега поврзана со транзицијата, како што се хормонска терапија и блокатори на пубертетот за малолетници.

Откако вработени во Дизни протеситраа и побараа компанијата да биде гласна и да се спротивстави по ова прашање, официјалните лица на Дизни изразија загриженост и разочарување од донесените прописи, бидејќи, како што кажа поранешниот директор на компанијата, Боб Чапек, може да се искористat за неправедно таргетирање на геј, лезбејки, небинарни и трансродови деца и семејства.

Како одговор на ваквата „непослушност“ од страна на вториот најголем работодавач во Флорида, Десантис донесе закон со кој се одземаат правата на самоуправување на специјалниот дистрикт во Орландо, каде што е сместен „Светот на Дизни“.

Како Дизни воопшто се најде во позиција да поседува и управува со над 10 илјади хектари земја во Флорида?

Во 1960-тите, откако ги сфатил своите просторни ограничувања во Анахајм, Калифорнија, Дизни почнал да развива планови за друга империја, овој пат во централна Флорида. Во тоа време, Флорида сè уште не била доволно развиена, ниту населена држава што ја знаеме денес.

Како резултат на тоа, Дизни беше во можност да постави големи барања од државата – и разумно очекуваше дека желната локална власт ќе попушти, пишува „Slate“. Неговиот голем план не беше само за распространети одморалишта. Тој сакаше да изгради експериментално планиран град, утописки град на компании што ќе служи како „план за иднината“, каде што жителите ќе тестираат нови производи, никој нема да биде невработен, а центарот на градот, со контролирана клима, ќе биде насочен кон пешаците. Дизни го нарече овој план Експериментална прототипна заедница на утре. За да се осигура дека ќе може да ја спроведе својата визија без многу бирократија, тој одреди секакви права на земјата без да знае дали некогаш ќе му бидат потребни, свесен дека никогаш повеќе нема да има поголема преговарачка моќ.

Овој експериментален прототип на заедницата на утре – накратко EPCOT – не е паркот Epcot што постои денес, иако забавниот парк го дели идеализираниот планиран градски (сега носталгичен) футуризам. EPCOT што никогаш не бил изграден требаше да биде вистински град – а за тоа да се реализира, на компанијата Волт Дизни ѝ требаше власт за да развива и управува град. Така, Флорида му даде право на Дизни да направи се што е потребно за да се случи тоа, вклучително и контрола на зоните и регулативите и нудење јавни услуги. Смртта на Волт Дизни се наведува како причина поради која градот никогаш не настанал, но правата на компанијата Дизни за зонирање, регулативи и јавни услуги останале.

Самоуправниот округ на Дизни, со сите негови поврзани одморалишта и водени паркови и спортски терени и трговски центри, на крајот стана огромно здание. И иако никогаш не разви ниту еден град на иднината, областа ги задржа своите самоуправувачки привилегии.

Одлуката на Десантис ќе има влијание врз економијата и иднината на Флорида

По одлуката на Десантис за одземање на привилегиите на Дизни, компанијата го тужеше гувернерот пред федерален суд за наводно казнување на компанијата за користење на правата за слобода на изразување гарантирана со првиот амандман, поради тоа што го искритикувале Десантис во врска со донесените закони. Тужбата се обидува да го поништи преземањето на гувернерот на самоуправниот округ на Дизни. Десантис исто така назначи свои луѓе во одбор кој го надгледува Дизни во Флорида.

Тој одбор поднесе контратужба во државниот суд во Орландо, која има цел да ја потврди својата контрола врз одлуките за дизајн и изградба во специјалниот округ на Дизни. Евентуалниот исход од правното натегање меѓу Десантис и Дизни ќе има длабоки импликации за Флорида и особено економијата на централна Флорида. Дизни плаќа повеќе од една милијарда долари државни даноци секоја година, а најголемиот дел од тие приходи е генериран од комплексот забавни паркови „Светот на Дизни“ кој вработува околу 65.000 луѓе.

Првата „жртва“ за Флорида веќе е на виделина. Поради даночното олеснување од 578 милиони долари одобрено за време на првиот мандат на Десантис, Дизни планираше да пренесе околу 2.000 високо платени креативни работни места од Калифорнија во нов регионален центар на операции во југоисточен Орландо уште оваа година. Тоа големо преместување на персоналот, како што пишува „The Guardian“, сега е во мирување.

Што значи војната против Мики Маус за шансите на Десантис да стане претседател на САД?

Битката на Десантис со огромна корпорација како што е Дизни е опасна игра за некој кој планира да се натпреварува за највисоката позиција во САД. Гувернерот на Флорида доаѓа од Републиканската партија, која важи за про-бизнис партија и која се залага за што поглема контрола на приватните компании врз земјата, наместо државата. Токму поради тоа ваквата реторика и потези на Десантис не наидуваат на оправдување кај голем дел од донаторите и поддржувачите на партијата. Како што пишува „NBC News“, гувернерот имал доста предупредувања од донатори, поддржувачи и консултанти да не влегува во војна со Дизни, бидејќи тоа е лоша политика, но и лошо за државата Флорида. Сепак, телевизијата објави анкета во која се вели дека просечниот републикански гласач е скептичен кон Дизни и со поддршка гледа на Десантис.

Речиси дваесетина жители на Флорида кои зборуваа за NBC News во најголемата светска пензионерска заедница која гласаше во корист на Доналд Трамп во 2016 и 2020 година и Лејк Каунти, место кое редовно гласа за Републиканската партија изразија широка поддршка за Десантис.  Анкетата на Универзитетот во Северна Флорида во март покажа дека и Рон Десантис и Дизни имале севкупна поддршка од 50% и 52%, соодветно, меѓу сите испитаници. Меѓу републиканците, сепак, поддршката на Десантис се искачи на 87%, а на Дизни падна на 27%.

Анкетата на Ипсос/Ројтерс кон крајот на април покажа дека 64% од анкетираните веруваат дека Десантис го казнува Дизни за слобода на говорот. Но, повторно, одговорите се поделија по партиска линија, при што независните и демократите застанаа на страната на Дизни. Меѓу анкетираните републиканци, 64 отсто рекоа дека Десантис со право го поништи специјалниот третман за компанијата.

Најново

Последни колумни