Гутереш во ОН: Одлуките за живот и смрт не смеат да им се препуштат на машините

Генералниот секретар на ОН предупреди на четири испити на моќта и побара итна забрана за роботите убијци пред крајот на својот мандат.

Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, отворајќи ја 81-та сесија на Генералното собрание во Њујорк, предупреди дека одлуките за живот и смрт никогаш не смеат да им се препуштат на машините. На приближно сто дена до крајот на својот мандат, Гутереш порача дека светот се соочува со четири пресудни испити на моќта: војната и мирот, нееднаквоста, климатските промени и вештачката интелигенција. Според него, геополитичките пукнатини веќе прераснале во длабоки кањони.

Гутереш посвети посебен дел од своето годишно обраќање на забрзаната трка во развојот на вештачката интелигенција и автономните борбени системи. Како што истакна пред претставниците на 193 земји членки, моќта денес забрзано се сели од владите кон приватните корпорации и алгоритмите.

Опасноста не лежи во самата технологија, туку во нејзината примена без каква било одговорност. Првиот човек на ОН побара воведување правно обврзувачка меѓународна рамка со независен надзор, нагласувајќи дека децата не смеат да бидат тест-полигон за нерегулирани системи. За него, роботите убијци немаат место во иднината на глобалната безбедност.

Покрај технолошките ризици, Гутереш директно ги критикуваше неефикасните меѓународни механизми за прекин на огнот во Газа, Украина, Судан и Мјанмар. Многу од прогласените примирја ги оцени како обичен параван под кој цивилите продолжуваат да страдаат.

Тој повика на целосно почитување на наредбите на Меѓународниот суд на правдата за Појасот Газа и предупреди дека израелската експанзија на населби на Западниот Брег целосно го уништува решението со две држави. Руската инвазија врз Украина повторно ја означи како отворено кршење на Повелбата на ОН. Повторувајќи го барањето за реформа на Советот за безбедност, Гутереш отсуството на постојан претставник од Африка го нарече неправедно и неодбранливо за институција кроена според геополитиката од средината на минатиот век.

Говорејќи за глобалниот јаз, генералниот секретар посочи дека нееднаквоста не претставува само сув економски параметар, туку механизам за контрола врз туѓите ресурси и права. Меѓународниот финансиски систем, според него, продолжува да ги држи во должничко ропство земјите во развој, истите оние што трпат најголеми штети од климатските непогоди.

Гутереш побара глобалните загадувачи директно да ги платат трошоците и апелираше развиените држави тројно да ги зголемат средствата за климатска адаптација. Како контраст посочи дека најголемите нафтени корпорации трупаат рекордни добивки по почетокот на војната во Украина, додека финансирањето за заштита на ранливите народи останува на симболично ниво. Единствениот отчетлив институционален напредок го нотираше во сопствените редови: ОН годинава за првпат оствари целосна родова еднаквост кај раководните кадри и професионалниот персонал.

е-Трн да боцка во твојот инбокс