Во вечерните часови на граничниот премин Евзони е забележан сериозен застој, откако според информации споделени од патници, гром го погодил системот за снабдување со електрична енергија непосредно пред 21 часот.
Сведоштва објавени во Фејсбук групата „Грчка инфо“ укажуваат дека по невремето настанале проблеми во функционирањето на граничниот премин, што довело до долги колони и значителни задржувања на патниците.
Според објавите, резервните агрегати биле ставени во функција, но нивниот капацитет не бил доволен за непречено напојување на сите системи и уреди, што дополнително ја усложнило ситуацијата.
Дел од службите и опремата продолжиле да функционираат, но патниците пријавуваат проблеми со интернет-конекцијата, што влијае врз обработката на документите и движењето на сообраќајот.
Граѓаните кои вечерва патуваат кон или од Грција изразуваат загриженост поради неизвесноста околу времетраењето на дефектот и можните дополнителни доцнења.
До овој момент нема официјално соопштение од грчките надлежни институции кое би ги потврдило причините за проблемот или обемот на настанатиот дефект.