Грчките власти воведуваат нова мерка со која професионалните рибари ќе добиваат 5,33 евра за секој килограм уловена зајачка риба, позната како лагоцефалус. Оваа отровна и инвазивна риба претставува сериозен ризик и за луѓето и за морскиот екосистем. Таа содржи токсини кои можат да бидат фатални доколку се консумира, а истовремено предизвикува штета и на рибарската опрема.
Мерката е дел од поширок владин пакет за поддршка на рибарството и справување со растечкиот проблем со овој вид во Егејското Море и околу Крит. Програмата најпрво ќе се спроведува во јужниот дел на Егејот и на Крит. Според грчкото Министерство за земјоделство и рурален развој, целта е да се намали популацијата на зајачката риба, која последните години нагло се проширува во Медитеранот преку Суецкиот Канал.
Слична практика веќе постои во Кипар, каде што рибарите добиваат по 4,73 евра за килограм од истиот вид риба. Властите истакнуваат дека мерката има двојна цел: да им помогне на рибарите финансиски и истовремено да го заштити морскиот екосистем од понатамошно нарушување од инвазивни видови.