По невремето во Скопје, Градскиот парк повторно се расчистува и обновува

По силното невреме во Скопје, екипите на јавните претпријатија го расчистуваат и обновуваат Градскиот парк. Се отстрануваат оштетени дрвја и се засадуваат нови садници.

Екипите на јавните претпријатија на Град Скопје работат на санирање на последиците од силното невреме што пред неколку дена го зафати главниот град, соопшти скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски.

Тој објави видео од Градскиот парк и порача дека просторот постепено го враќа својот изглед по штетите предизвикани од невремето.

Соборени над 100 дрвја

Според Ѓорѓиевски, во Градскиот парк биле соборени повеќе од 100 дрвја, пешачките патеки биле затрупани, а значителна штета била нанесена и на урбаната опрема.

„Благодарение на брзата реакција и посветената работа на екипите на јавните претпријатија на Град Скопје, првиот дел од паркот е расчистен. Засадени се нови садници, санирана е оштетената урбана опрема, а просторот повторно е достапен за посетителите“, напиша Ѓорѓиевски на Фејсбук.

Се работи и во вториот дел од паркот

Градоначалникот посочува дека паралелно се работи и во вториот дел од Градскиот парк, каде што продолжува отстранувањето на последиците од невремето.

Екипите ги санираат штетите, ги отстрануваат старите и оштетени дрвја и засадуваат нови садници.

„Продолжуваме додека не биде обновен последниот оштетен дел“

Ѓорѓиевски истакна дека природните непогоди не можат да се спречат, но дека со организираност и посветена работа последиците може брзо да се надминат.

„Изразувам огромна благодарност до сите вработени и служби кои деноноќно беа на терен, за Градскиот парк повторно да биде чист, безбеден и зелен дом на сите скопјани. Продолжуваме со работа сè додека не биде обновен и последниот оштетен дел од паркот“, стои во неговата објава.

е-Трн да боцка во твојот инбокс