Гостивар пред прогласување епидемија! Заболените го надминаа прагот, резултатите од водата утре кај Обвинителството

Институтот за јавно здравје соопшти дека денеска се очекува Центарот за јавно здравје Тетово да донесе одлука за прогласување епидемија, додека анализите на водата ќе бидат готови утре.

Гостивар е на чекор до официјално прогласување епидемија на заразна болест, откако е регистриран нагол пораст на лицата со симптоми на гастроентероколит, информираше д-р Драган Кочински, раководител на Одделот за епидемиологија на заразни заболувања при Институтот за јавно здравје (ИЈЗ).

Според него, досега се поднесени 140 официјални пријави за заразна болест, а епидемиолозите од Гостивар и ИЈЗ сè уште ги анкетираат заболените.

„Се забележува пораст на стапката на заболени лица преку АЛЕРТ-системот и надминување на прагот на неделно ниво за територијата на Гостивар“, изјави Кочински.

Тој посочи дека Центарот за јавно здравје Тетово во текот на денот треба да донесе одлука за прогласување епидемија, што ќе овозможи подобра координација меѓу сите надлежни институции.

Резултатите од анализите утре

Институтот за јавно здравје, по барање на Основното јавно обвинителство Гостивар, веднаш излегол на терен и зел примероци од водата за микробиолошки и физичко-хемиски анализи. Според Кочински, стручните тимови работеле и во текот на викендот за анализите да бидат завршени навреме, а резултатите ќе бидат доставени до Обвинителството во текот на утрешниот ден, по што ќе се одлучува за понатамошната постапка.

Водата останува забранета

Од ИЈЗ потсетуваат дека забраната за користење на водата од градскиот водовод, која Агенцијата за храна и ветеринарство ја издаде на 17 јули поради сомнеж за загадување, останува во сила. Граѓаните и понатаму се повикуваат да не ја користат водата за пиење и подготовка на храна и строго да ги почитуваат препораките на здравствените власти сè до официјално известување дека водата повторно е безбедна.

Во меѓувреме, Основното јавно обвинителство Гостивар соопшти дека истрагата продолжува, а локацијата во Вруток и понатаму е обезбедена по наредба на јавен обвинител. По добивањето на резултатите од анализите ќе биде донесена одлука за натамошниот тек на постапката.

е-Трн да боцка во твојот инбокс