Гостивар под здравствен аларм: Се следи појава на хепатит по епидемијата

По епидемијата во Гостивар, воведен е засилен надзор. Се следи појава на хепатит А и Е, водата сè уште не е за пиење.

Гостивар останува под засилен здравствен надзор по епидемијата поврзана со загадената вода, при што институциите најавуваат внимателно следење на можната појава на хепатит А, хепатит Е и други заразни заболувања.

Во изминатите денови се регистрирани 109 нови случаи, а вкупниот број на лица кои побарале лекарска помош надмина 4.300. Здравствените власти велат дека бројките сè уште се анализираат за да се утврди колку од нив се директно поврзани со епидемијата.

Министерот за здравство Сашо Клековски информираше дека во наредниот период ќе се спроведуваат епидемиолошки анкети и детални анализи, со цел да се добие појасна слика за состојбата.

По смирување на акутната фаза, воведен е засилен надзор, а матичните лекари и здравствените институции се повикани да обрнат посебно внимание на појава на хепатит и други инфекции.

Паралелно, институциите анализираат податоци од два системи – официјално пријавени заразни болести и податоци од „Мој термин“, со што ќе се направи целосна проценка на текот на епидемијата.

Во меѓувреме, водата во Гостивар може да се користи само за технички потреби, додека забраната за пиење и готвење останува на сила. Надлежните најавуваат дека, доколку анализите продолжат да покажуваат позитивни резултати по хиперхлорирањето, водата би можела наскоро повторно да биде безбедна за употреба.

Институциите апелираат граѓаните да останат внимателни и да ги следат препораките, додека трае следењето на состојбата.

е-Трн да боцка во твојот инбокс