Во Народниот театар Битола денеска се одржа прес-конференција по повод претстојната премиера на претставата „Госпоѓа Бовари“ од Гистав Флобер, во режија на Дејан Пројковски. Премиерата е закажана за 25 јуни во 20:00 часот на сцената на театарот во Битола и претставува дел од програмата на Бит Фест.
Пред медиумите се обрати директорот на Народниот театар Битола, Васко Мавровски, кој истакна дека премиерата е реализирана со поддршка од КИЦ Битола и Општина Битола. Тој нагласи дека локалната самоуправа продолжува да дава значајна поддршка на националните културни институции и дека е неопходна заедничка соработка помеѓу локалната и централната власт за развој на културата.
Мавровски додаде дека Битолското културно лето според негово мислење е меѓу најквалитетните културни манифестации, со долг континуитет и програма која нуди настани од висок уметнички ранг.
Зборувајќи за соработката со режисерот Дејан Пројковски, тој истакна дека станува збор за едно од најзначајните режисерски имиња во државата и регионот, нагласувајќи дека за театарот претставува чест повторно да соработува со него.
Во рамки на прес-конференцијата беше посочено и дека Народниот театар Битола во првото полугодие од годината има реализирано пет премиери, со 67% извршување на буџетот, што е оценето како високо ниво на реализација.
Исто така беше истакнато дека театарот учествувал на фестивал во Романија, каде станал основач и член на новата Балканска асоцијација на театри и фестивали, што отвора можности за нови регионални и меѓународни соработки.