Горивото во Германија руши рекорди: Дизелот над 2,45 евра, бензинот петти ден по ред на максимум

Цените повторно растат од крајот на август, а дизелот сега е речиси 71 цент поскап од периодот пред почетокот на војната во Иран

Цените на горивата во Германија повторно достигнаа рекордни нивоа. Откако бензинот со денови го соборуваше историскиот максимум, сега и дизелот достигна највисока просечна цена досега. Литар дизел во средата во просек чинел 2,453 евра, што е за 0,6 центи повеќе од претходниот рекорд забележан во април, соопшти германскиот автомобилски клуб АДАК.

Бензинот Е10, пак, петти ден по ред поставил нов рекорд. Во средата просечната цена достигнала 2,314 евра за литар, објави ДПА. Растот на цените на горивата е особено изразен од крајот на февруари, кога започна војната во Иран, а од крајот на август цените повторно бележат значителен раст.

Според податоците, дизелот сега е речиси 71 цент поскап во споредба со последниот ден пред почетокот на војната, додека бензинот Е10 е поскап за речиси 54 центи по литар. Сепак, кога ќе се земе предвид инфлацијата, денешните цени не се највисоките што некогаш биле регистрирани во Германија.

Новите рекордни цени значат дополнителен притисок врз возачите и транспортниот сектор, особено во услови кога трошоците за гориво директно влијаат и врз цените на транспортот и стоките.

е-Трн да боцка во твојот инбокс