Април стана најскапиот месец за гориво во историјата на Германија, покажуваат податоците на германскиот автомобилски клуб ADAC. Просечната цена на бензинот и дизелот достигна ниво кое ги надминува и кризите од 2022 година, кога почна војната во Украина.
Литар бензин Super E10 во просек изнесувал околу 2,11 евра, додека дизелот се искачил на околу 2,27 евра за литар, највисоки вредности откако се води статистика. Овие бројки ги надминуваат и претходните рекорди од март 2022 година, кога енергетскиот пазар беше веќе сериозно нарушен.
И покрај мерките и очекувањата за стабилизација, цените продолжуваат да растат. Анализите покажуваат дека април донел нов бран поскапувања, со дополнителни дневни осцилации и значителни разлики меѓу најевтините и најскапите денови за точење. Големи се и регионалните разлики во цените низ Германија – додека во градови како Штутгарт и Билефелд горивото било поевтино, во Хамбург, Дрезден и Лајпциг се бележат највисоки цени.
Иако дел од експертите посочуваат дека реалната слика, прилагодена на инфлацијата, не секогаш покажува апсолутен рекорд, за потрошувачите ефектот е јасен, трошоците за возење остануваат сериозен товар за домашните буџети.