Инженер вработен во Google е обвинет во САД дека користел доверливи информации од компанијата за да се обложува на платформата Polymarket и да заработи околу 1,2 милиони долари.
Според обвинението на американското Министерство за правда, Микеле Спањуоло, 36-годишен италијански државјанин со живеалиште во Швајцарија, имал пристап до интерни податоци поврзани со трендови на Google и ги користел за обложувања на пазари поврзани со најпребарувани личности и теми. Обложувањата, според обвинителството, ги правел под псевдонимот „AlphaRaccoon“.
Од октомври до декември 2025 година, Спањуоло наводно вложил околу 2,75 милиони долари на Polymarket, користејќи информации што не биле јавно достапни, и од тоа остварил повеќе од 1,2 милиони долари добивка. Reuters објави дека дел од обложувањата биле поврзани со Google листи на најпребарувани личности пред тие официјално да бидат објавени.
Google потврди дека вработениот е суспендиран и дека компанијата соработува со органите на прогонот. Од компанијата посочиле дека користењето доверливи информации за обложување е сериозно прекршување на правилата, но и предмет на кривична истрага.
Случајот отвора ново прашање за платформите за предвидување како Polymarket, каде што корисниците се обложуваат на исходи од реални настани, од политика и спорт до интернет трендови. Она што некогаш звучеше како игра со прогнози, сè повеќе влегува во зона на финансиски ризик, регулација и можни злоупотреби на повластени информации.
Spagnuolo се соочува со обвиненија за кршење на американскиот Закон за тргување со стоки, електронска измама и перење пари. Според Business Insider, ако биде осуден по сите точки, максималната казна би можела да достигне до 50 години затвор, иако конечната казна, доколку има пресуда, ја одредува судот.
Овој случај е предупредување дека во ерата на податоци, внатрешната информација повеќе не е само финансиски извештај или берзанска тајна. Понекогаш е и тоа што милиони луѓе пребаруваат пред остатокот од светот да дознае.