Кина веќе речиси пет децении го спроведува еден од најголемите еколошки проекти во светот – „Големиот зелен ѕид“, иницијатива чија цел е запирање на ширењето на пустините и обновување на деградираното земјиште. Во проектот, започнат во 1978 година, досега учествувале повеќе од 300 милиони луѓе.
Основата на проектот е едноставна, но ефикасна техника за стабилизирање на песочните дини. Работниците поставуваат сламени прегради во форма на мрежа, а во секое поле се садат дрвја и друга вегетација. Овој метод го намалува влијанието на ветерот, ја задржува влагата и овозможува растенијата полесно да се вкоренат.
Според кинеските власти, благодарение на програмата досега се пошумени околу 500.000 квадратни километри – површина приближно еднаква на две поранешни Југославии. Истовремено, деградираното земјиште во северна Кина континуирано се намалува, а шумската покриеност во опфатените региони пораснала од околу 5 проценти во 1978 година на 14 проценти во 2022 година.
Експертите оценуваат дека успехот е резултат на долгорочна државна стратегија, значителни инвестиции и ангажман на милиони луѓе. Дел од научниците посочуваат дека поволните климатски услови и зголемените врнежи во некои региони дополнително помогнале во обновувањето на вегетацијата.
Сепак, предупредуваат дека најголемиот предизвик допрва следува. За да се зачуваат постигнатите резултати ќе бидат потребни децении внимателно управување, постојано следење и одржување на новите шуми, особено во областите каде водните ресурси се ограничени.
Организациите кои работат на заштита на животната средина сметаат дека ваквите проекти имаат најголеми шанси за успех кога се поврзани со подобрување на животниот стандард на локалното население. Така, обновувањето на природата не станува само еколошка, туку и економска придобивка за заедниците што живеат во овие региони.