Личните податоци на повеќе од 560.000 ученици и наставници во Хрватска се објавени во јавноста, поради што е покрената истрага за тоа кој ја украл и објавил базата на податоци и со каква намера. Според хрватските медиуми, во објавената база се наоѓаат имиња и презимиња, функции, називи на училиштата во кои лицата работат или учат, како и нивните службени електронски адреси.
Од Хрватската академска и истражувачка мрежа (Карнет) соопштија дека веднаш по сознанијата за инцидентот ги презеле сите неопходни мерки и започнале техничка и форензичка анализа. „Прелиминарните резултати покажуваат дека податоците не се преземени од системите на Карнет, туку наликуваат на податоци од системи на трети страни“, изјави помошник-директорката на Карнет, Ана Смољо.
Хрватскиот детски правобранител Татјана Каткиќ Станиќ побара брза реакција од надлежните институции и јасни насоки за училиштата, родителите и учениците. Во меѓувреме, од Карнет предупредуваат дека поради објавувањето на податоците постои зголемен ризик од фишинг-напади и други форми на социјален инженеринг.
„Можно е корисниците да добиваат лажни електронски пораки во кои испраќачите ќе се претставуваат како доверливи институции и ќе бараат лозинки, податоци од платежни картички или други чувствителни информации. Ги советуваме граѓаните да не отвораат сомнителни линкови и прилози и да не одговараат на вакви пораки“, порача Смољо.
Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ оцени дека не станува збор за протекување на особено чувствителни информации. „Колку што сум информиран од министерот Фукс, не се објавени чувствителни податоци. Станува збор за службени е-адреси и основни информации за лицата што посетуваат или работат во училиштата“, изјави Пленковиќ.
Надлежните институции продолжуваат со истрагата за да утврдат од каде потекнуваат објавените податоци и дали станува збор за поширок безбедносен пропуст.