Голем пожар вчера попладне избувна на ридскиот појас над Саранда, во јужна Албанија, а огнот се шири низ борова шума и нискостеблеста вегетација во близина на Манастирот на 40-те Светители. Поради сувото време и силниот ветер, пожарот се шири со голема брзина и се приближува кон неколку куќи на периферијата на Саранда. Над градот се издига густ облак чад, видлив и од централното градско подрачје и од плажите.
Противпожарните екипи од Саранда веднаш интервенирале на терен и поставуваат заштитен појас околу загрозените објекти. Стрмниот и карпест терен го отежнува пристапот со возила, поради што локалните власти побарале воздушна поддршка и ангажирање противпожарни хеликоптери.
Засега нема информации за повредени лица или зафатени куќи. Надлежните ги повикаа жителите и туристите да бидат внимателни и да ги избегнуваат ридските патишта во околината додека трае интервенцијата.
Пожарот над Саранда е дел од поширокиот бран шумски пожари што ја зафатија Албанија. Според информациите на Министерството за одбрана, во текот на денот биле регистрирани десетици активни жаришта низ земјата. Високите температури, сувото време и силниот ветер и натаму создаваат услови за брзо ширење на огнот, поради што службите за цивилна заштита во јужниот дел на земјата остануваат во зголемена готовност.