Доаѓа ли „Годзила Ел Нињо“ или светот шири претерана паника?

Научниците предупредуваат дека прогнозите за нов Ел Нињо сè уште се неизвесни, а драматичните називи можат да создадат непотребен страв и паника, особено кај земојделците.

Светот можеби влегува во нова фаза на Ел Нињо од средината на 2026 година, но научниците предупредуваат дека изразите како „супер“ или „Годзила Ел Нињо“ се претерани и можат непотребно да создадат паника.

Ел Нињо претставува периодично загревање на површината на морето во централниот и источниот дел на Тихиот Океан и најчесто трае од девет до дванаесет месеци. Според WMO, климатските модели укажуваат на брзо затоплување во регионот Нињо 3.4 и на висока веројатност за развој на Ел Нињо меѓу мај и јули 2026 година.

Но, тоа не значи дека светот сигурно го очекува катастрофално силен Ел Нињо. Американскиот Центар за климатски предвидувања на NOAA наведува дека моментално се присутни неутрални ENSO услови, а Ел Нињо е веројатен од мај до јули. Можноста за многу силен Ел Нињо постои, но не е сигурна и зависи од развојот на ветровите над екваторијалниот Пацифик во текот на летото. Ел Нињо не носи исти последици во сите делови од светот: во некои региони може да предизвика поројни врнежи и поплави, а во други суши и топлотни бранови.

Токму затоа климатските научници предупредуваат дека терминот „Годзила Ел Нињо“ е несоодветен. Кимберли Рид, експертка за атмосферски науки од Универзитетот во Мелбурн, за BBC го нарече изразот „апсурден“, бидејќи кај луѓето, особено кај земјоделците и заедниците што можат да бидат најпогодени, може да предизвика страв од суши, поплави и економски загуби уште пред да има сигурна прогноза.

Доколку се развие, Ел Нињо може да донесе повеќе врнежи во јужна Јужна Америка, јужниот дел на САД, делови од Африканскиот Рог и централна Азија, додека Австралија, Индонезија и делови од Јужна Азија може да се соочат со посуви услови. На глобално ниво, феноменот често придонесува за дополнително затоплување, но неговата сила и последиците ќе станат појасни во следните месеци.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни