Гибралтар со децении го труе Средоземното Море со канализација

Британската прекуморска територија нема постројка за прочистување, а еколозите предупредуваат на последици врз морскиот живот и здравјето.

Речиси 40.000 жители и компании во Гибралтар со децении испуштаат необработени отпадни води директно во Средоземното Море, бидејќи оваа британска прекуморска територија нема, ниту некогаш имала, постројка за прочистување. Канализацијата се испушта од Европа Поинт, јужниот врв на полуостровот, а властите тврдат дека на оваа локација има „висок степен на природно распрскување“.

Локалните еколошки организации предупредуваат дека станува збор за подрачје кое треба да биде заштитено живеалиште за дивиот свет, но наместо тоа, таму често се забележуваат влажни марамчиња и пластичен отпад заплеткан во алги и расфрлан по карпите. Загадувањето од необработени отпадни води може да предизвика цветање на токсични алги, намалување на кислородот во водата и штета врз морскиот живот, додека кај луѓето го зголемува ризикот од ширење патогени и гени отпорни на антибиотици.

Проблемот не е нов. Европскиот суд на правдата во 2017 година пресуди дека Обединетото Кралство го прекршило законот за отпадни води бидејќи не обезбедило прочистување на отпадните води во Гибралтар. Но, по Брегзит, Европската комисија ги загуби овластувањата за понатамошно постапување. Властите во Гибралтар тврдат дека проблемот е технички сложен, бидејќи нивниот канализациски систем користи морска вода, додека водата за пиење доаѓа од постројки за десалинизација.

Обидите за изградба на постројка досега неколкупати пропаѓале. Договор од 2018 година за проектирање, изградба и управување со постројка за прочистување не бил реализиран поради ликвидација на една од вклучените компании. Во јуни 2025 година, Владата на Гибралтар доделила нов 25-годишен договор на компанијата Eco Waters за изградба на постројка на Европа Поинт, а подготвителните работи и барањето за градежна дозвола веќе се започнати.

Во меѓувреме, опозицијата предупредува дека и самата канализациска мрежа е во лоша состојба, со непријатна миризба и излевање отпадни води во близина на туристички места. Владата за проблемот обвинува децении недоволни инвестиции и најавува проект од 15 милиони фунти за нова канализациска инфраструктура. Истовремено, тврди дека квалитетот на водата на плажите редовно се мери и дека најновите резултати покажуваат „одлична“ вода за капење.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни