Вулканот Лахер Зе во регионот Ајфел последен пат еруптирал пред околу 13.000 години, но новите мерења покажуваат дека длабоко под површината сè уште постојат активни геолошки процеси. Помеѓу септември 2022 и август 2023 година, научниците регистрирале повеќе од 500 микроземјотреси под езерото, а дополнителни истражувања откриле сложен систем на флуиди и магматски структури во длабочина.
Лахер Зе е кратерско езеро во покраината Рајнланд Палатинат, во еден од најпознатите вулкански региони во Германија. Последната ерупција била исклучително силна, а вулканската пепел се распространала на огромна површина, со траги пронајдени дури до Шведска и Италија.
Стотици мали земјотреси длабоко под езерото
Научниците особено внимание посветуваат на таканаречените длабоки земјотреси со ниска фреквенција. Тие се различни од вообичаените земјотреси и можат да бидат поврзани со движење на магматски флуиди во големи длабочини.
Истражувањата покажуваат дека такви процеси се забележуваат и под други активни вулкански области во светот. Под Лахер Зе, магматските флуиди се поврзуваат со длабочини од околу 12 до 14 километри, а дел од нивните патишта се протегаат и многу подлабоко, кон горниот дел на Земјината обвивка.
Во октомври 2025 година бил регистриран и необичен рој од околу 92 многу слаби земјотреси во период од само 12 часа. Најсилниот имал магнитуда од 0,9, што значи дека потресите сами по себе не претставувале опасност за населението.
Научниците за првпат ја видоа структурата под вулканот
Голем дел од новите сознанија доаѓаат од големиот сеизмолошки експеримент „Ларџ Ен“, во кој биле користени повеќе од 500 сеизмички станици и дополнителни сензори поставени долж неискористен оптички кабел долг 64 километри.
Благодарение на густата мрежа, научниците добиле многу попрецизна слика за подземјето. За првпат успеале да ја одредат положбата и длабочината на резервоарот поврзан со магмата што ја предизвикала големата ерупција пред околу 13.000 години. Сеизмичките снимки покажале аномалија на длабочина до околу 10 километри, која не се протега вертикално, туку се наклонува кон басенот Нојвид.
Во текот на една година биле лоцирани повеќе од 1.000 микроземјотреси. Поголемиот дел се појавуваат во тесна зона меѓу Очтендунг и Лахер Зе, а дел од земјотресите се наоѓаат околу областите со променети сеизмички својства.
Истражувачите забележале и силни одбивања на сеизмичките бранови на границите меѓу различни слоеви во Земјината кора. Тоа може да укажува на акумулација на флуиди, но научниците сè уште не можат со сигурност да кажат дали станува збор за магма или за флуиди ослободени од магматскиот систем.
Вулканот е активен, но тоа не значи дека ќе еруптира
Најважната разлика е меѓу активен вулкански систем и вулкан што се подготвува за непосредна ерупција.
Научните податоци покажуваат дека под Ајфел и понатаму има магматски процеси. Новото истражување објавено во списанието „Комуникејшнс ерт енд енвајронмент“ укажува на постоење длабоки земјотреси со ниска фреквенција, миграција на флуиди и постојано ослободување гасови со потекло од Земјината обвивка. Сепак, не е забележана значајна деформација на површината или јасна термичка аномалија што би укажала на непосредно искачување на голема количина магма.
И германскиот Центар за геонауки ГФЗ нагласува дека новите мерења не претставуваат најава за скорешна ерупција. При искачување на магма кон плитките делови на Земјината кора обично би се очекувале поизразени роеви од високофреквентни земјотреси, како и забележливо издигнување на површината. Такви знаци засега не се регистрирани во источниот Ајфел.
Интересен податок е што според проценките на научниците, на магматскиот систем што ја предизвикал последната голема ерупција можеби му биле потребни околу 30.000 години за да се наполни горната магматска комора пред ерупцијата. Тоа покажува колку бавни можат да бидат процесите што се одвиваат длабоко под вулканот.
Затоа, иако Лахер Зе не може да се смета за изгаснат вулкан, сегашните податоци не покажуваат дека Германија се соочува со непосредна вулканска ерупција. Истражувачите продолжуваат да го следат регионот токму затоа што долгите периоди на мирување не значат дека вулканскиот систем престанал да функционира.