Руски хакери манипулирале со профили на германски политичари на комуникациската платформа Сигнал, објавија германските медиуми. Според информациите, нападнати биле профилите на министерката за семејство Карин Приен, министерката за градежништво Верена Хуберц и претседателката на Бундестагот, Јули Клокнер.
Тие биле членови на различни чет-групи во кои биле и германскиот канцелар Фридрих Мерц и други членови на владата.
Според германските медиуми, хакерите немале директен пристап до самите групи. Безбедносната служба на германската влада им препорачала на корисниците да не ги користат постоечките чет-групи.
Случајот повторно ја отвора темата за дигиталната безбедност на политичарите и институциите, особено во период на зголемени киберзакани и обиди за влијание врз европските демократски процеси.
Во 2015 година, руските тајни служби продреле во информатичкиот систем на Бундестагот и украле голем број документи и податоци, меѓу кои и листи со електронски адреси.
Непрофитната организација „Сигнал технолоџи комуникејшнс“ соопшти дека кибернападите не се резултат на грешки во безбедносната структура на платформата Сигнал.