Во Германија лани се затвориле речиси 188.000 компании, најмногу од 2007 година

Во Германија во 2025 година биле затворени 187.744 компании, најмногу од 2007 година. Најпогодени се угостителството, туризмот, здравството и индустријата.

Во Германија минатата година биле затворени 187.744 компании, што е највисока бројка во речиси две децении, покажува заедничката анализа на кредитната агенција Creditreform и Лајбницовиот центар за европски економски истражувања ZEW.

Бројот на затворени компании бил речиси 10 проценти повисок во споредба со претходната година. Повеќе компании последен пат биле затворени во 2007 година, кога згаснале речиси 208.000 фирми.

Со тоа, растот на бројот на затворања продолжува втора година по ред.

„Кризата се шири низ речиси целата економија“

„Кризата сега се шири низ речиси целата економија“, изјави Патрик-Лудвиг Ханч, раководител на економски истражувања во Creditreform.

Тој посочи дека, за разлика од претходните години, сега со работа престануваат и компании кои всушност биле здрави.

Најпогодени угостителството и туризмот

Бројот на затворени компании пораснал во речиси сите сектори, а најмногу во угостителството и туризмот.

Во 2025 година биле затворени околу 15.000 ресторани и сместувачки објекти, што е 15 проценти повеќе од претходната година.

Негативен тренд и во здравството

Негативниот тренд продолжува и во здравството, каде проблемите траат околу една деценија.

Во овој сектор биле затворени речиси 11.000 компании, приближно двојно повеќе отколку во 2008 година.

Минатата година биле затворени и речиси 5.500 лекарски ординации, што е 23 проценти повеќе во однос на 2024 година. Најчеста причина била заминување на лекарите во пензија, без да најдат наследник кој би ја презел ординацијата.

Пад и во индустријата

Во индустријата биле затворени околу 11.000 компании, односно 10 проценти повеќе од претходната година.

Податоците покажуваат дека германската економија се соочува со поширок притисок, кој повеќе не е ограничен само на неколку ранливи сектори.

е-Трн да боцка во твојот инбокс