Германија: Традиционалните партии ги губат гласачите со миграциско потекло

Гласачите со миграциско потекло стануваат сè поважни во Германија, но традиционалните партии ја губат нивната доверба, додека АфД се обидува да го освои овој електорат.

Гласачите со миграциско потекло стануваат сè поважен фактор на германската политичка сцена, но традиционалните партии сè потешко ја задржуваат нивната доверба и поддршка.

Според студија на Германскиот центар за истражување на интеграцијата и миграцијата, оваа група избирачи сè повеќе се дистанцира од политичките партии. Нивното значење, сепак, постојано расте. Во 2023 година, околу 12 отсто од лицата со право на глас во Германија, односно повеќе од седум милиони луѓе, имале миграциско потекло.

СПД и натаму има најголем изборен потенцијал

Социјалдемократската партија на Германија (СПД) и натаму има најголем потенцијал меѓу гласачите со миграциско потекло. Околу две третини од испитаниците ја сметаат за партија за која би можеле да гласаат. Зад неа следуваат ЦДУ и ЦСУ. Сепак, истражувачите предупредуваат дека традиционалната врска меѓу СПД и гласачите со миграциско потекло слабее, особено кај помладите генерации.

„Постарите испитаници со миграциско потекло се наклонети кон СПД. Во минатото врската меѓу СПД и мигрантските гласачи беше релативно силна, но се чини дека кај помладите генерации таа почнува да се распаѓа“, вели Фридерике Ремер, коавторка на студијата.

АфД се обидува да го освои овој дел од електоратот

Иако Алтернатива за Германија (АфД) е една од најмалку прифатените партии меѓу гласачите со миграциско потекло, таа сè поактивно се обидува да допре до оваа група. Речиси две третини од анкетираните изјавиле дека не би гласале за АфД. Отфрлањето е особено изразено меѓу лицата со корени од Турција, Блискиот Исток и Северна Африка.

Сепак, според Мартин Герлах од Турската заедница во Германија, АфД навреме го препознала потенцијалот на оваа гласачка група. Партијата користи пораки и визуелни материјали насочени кон конкретни заедници, а во одредени случаи комуницира и на нивниот мајчин јазик.

Тоа, според него, е нешто што другите партии не го прават во доволна мера.

Безбедноста и дискриминацијата како важни теми

Една од темите за која, според претставниците на мигрантските заедници, традиционалните партии не зборуваат доволно е безбедноста.

Герлах посочува дека дел од граѓаните со миграциско потекло се чувствуваат загрозено поради ксенофобични напади и антимуслимански расизам. Според него, политичките партии треба посериозно да ги адресираат овие проблеми.

Во исто време, миграциските заедници не се нужно наклонети кон либерални политики во однос на новите миграции. Кај дел од нив постои скептицизам кон новодојдените мигранти и бегалци – тема што АфД успешно ја користи во својата политичка комуникација.

„Партиите ја преспиваат општествената промена“

Политикологот Озгур Озватан смета дека традиционалните партии не го препознаваат доволно политичкиот потенцијал на граѓаните со миграциско потекло.

Тој предупредува дека партиите не успеваат доволно да ги привлечат овие граѓани ниту како членови и активисти, ниту како гласачи. Според него, Германија се соочува со голема демографска и општествена промена, а политичкиот систем сè уште не се приспособува доволно брзо на неа.

Во меѓувреме, АфД се обидува да ја искористи фрустрацијата кај дел од гласачите со миграциско потекло, вклучително и преку спротивставување на различни мигрантски групи. Истражувањата и анализите покажуваат дека токму оваа група гласачи би можела да има сè поголемо влијание врз идните изборни резултати во Германија.

е-Трн да боцка во твојот инбокс