Германија првпат не успеа да обезбеди место во Советот за безбедност на Обединетите нации, откако во гласањето на Генералното собрание на ОН повеќе гласови добија Португалија и Австрија.
Во тајното гласање за двете места наменети за западноевропската група, Португалија доби 134 гласа, Австрија 131, додека Германија освои 104 гласа. Новите членки ќе го започнат двегодишниот мандат од 1 јануари 2027 година.
Советот за безбедност на ОН има 15 членки. Пет се постојани, САД, Русија, Кина, Франција и Обединетото Кралство, а десет се избираат за двегодишен мандат според регионална распределба.
Германија досега шест пати била членка на Советот за безбедност, а како најголема европска економија и членка на Г7 важи за еден од клучните политички и безбедносни актери во Европа. Токму затоа неуспехот се чита како значаен дипломатски пораз за Берлин.
Португалија и Австрија ќе ги заменат Грција и Данска на европските места. Од другите региони, Зимбабве беше избран за африканското место, а Тринидад и Тобаго за местото на групата Латинска Америка и Карибите.
Германскиот министер за надворешни работи Јохан Вадефул до последен момент водеше кампања за поддршка во Њујорк. Берлин во кампањата ја истакнуваше улогата на Германија како еден од најголемите финансиски придонесувачи во системот на ОН, како и нејзиното учество во мировни мисии.
Сепак, изборот од почетокот се сметаше за тежок, бидејќи Германија овојпат имаше два сериозни конкуренти. Дополнителен проблем за Берлин беше што Австрија ја најави кандидатурата уште во 2011 година, Португалија во 2013 година, а Германија официјално влезе во трката дури во 2020 година.
Дипломатски извори посочуваат дека дел од земјите критички гледале и на тоа што германската влада не ги квалификувала јасно американските или израелските напади врз Иран како прекршување на меѓународното право. Според набљудувачи, тоа можело дополнително да ја ослаби германската кандидатура.