За само шест месеци, преку платформата „Студентарија“ биле поднесени повеќе од 700 пријави, а над 1.200 студенти дополнително ги поддржале пријавените проблеми.
Податоците од проектот „Дигитален студентски глас“, презентирани денеска, покажуваат дека најголемиот дел од поплаките се однесуваат на студентскиот стандард, финансиската поддршка, превозот и функционирањето на високообразовните институции.
Еден од најчестите проблеми е субвенционираниот студентски оброк од 140 денари дневно. Според „Студентарија“, износот не е усогласен со инфлацијата од 2023 година, иако, како што тврдат од платформата, тоа е законска обврска.
Студентите пријавиле и случаи кога останувале без право на оброк поради ненавремено доставување податоци од факултетите до Министерството за образование и наука.
Особено загрижувачки се состојбите во студентските домови. Пријавувани се прекини на струја, вода и греење, а во домот „Никола Карев“ во Охрид студентите, според платформата, среде зима останале без електрична енергија повеќе од 30 часа, и тоа за време на испитна сесија.
Проблем се и стипендиите. Според презентираните пријави, исплатите за претходната академска година доцнеле до август, кога студентите веќе ги завршиле академските обврски.
Но поплаките не се ограничуваат само на финансискиот дел. Студентите пријавуваат и нејасни критериуми за оценување, испитни прашања надвор од материјалот за подготовка, како и случаи на наводно фаворизирање одредени студенти.
Овие тврдења отвораат прашања за транспарентноста на оценувањето и механизмите преку кои студентите можат да бараат заштита на своите права.
Од „Студентарија“ бараат итно усогласување на студентскиот оброк со инфлацијата, навремена исплата на стипендиите, подобри услови во домовите и поголема транспарентност при распределбата на сместувачките капацитети.
Меѓу препораките се и бесплатен градски превоз за студентите во повеќе градови, како и поволности за меѓуградскиот транспорт.
„Правото постои на хартија, институциите постојат, но решенија за студентските проблеми нема“, порача Гоше Николов од „Студентарија“.
На прес-конференцијата беше отворено и прашањето за студентското организирање, во контекст на случувањата во Србија. Николов оцени дека поуката за Македонија не е копирање туѓ модел на протести, туку поголема активност, организираност и барање институционална одговорност.
Над 700 пријави за половина година, според платформата, укажуваат на потребата надлежните институции да понудат конкретни решенија наместо студентските проблеми да останат само дел од годишните извештаи и ветувањата.
Извор: Мета.мк, „Студентарија“
