Лидерите на германската владејачка коалиција постигнаа договор за намалување на данокот на електрична енергија за сите потрошувачи од 2027 година, по повеќенеделни преговори за тоа како ќе се финансира мерката. Според документот до кој дошла редакцијата на АРД, целта е данокот да се сведе на европското минимално ниво. Намалувањето првично ќе важи до 31 декември 2027 година, но коалицијата сака да го продолжи и потоа, доколку обезбеди одржлив извор на финансирање.
Европскиот минимален данок на електрична енергија изнесува 0,1 евроцент за киловат-час, додека во Германија во моментов изнесува 2,05 евроценти. Неговото сведување на минималното ниво би ја чинело државата околу 5,4 милијарди евра годишно.
Мерц: Го одржавме ветувањето
Германскиот канцелар Фридрих Мерц го оцени договорот како успех и порача дека владата го исполнила ветувањето за намалување на данокот на струја.
„Ветивме намалување на данокот на струја и го одржавме зборот“, изјави претседателот на Христијанско-демократската унија (ЦДУ). Според него, олеснувањето особено ќе го почувствуваат малите претпријатија и семејствата, а заштедите од сојузниот буџет ќе им бидат вратени на граѓаните.
Намалувањето се сметаше за тест на кредибилитетот на владата, особено на Мерц, кој во изминатите денови најавуваше дека договор ќе биде постигнат и покрај неизвесноста околу финансирањето.
Според пресметките на споредбениот портал „Веривокс“, за домаќинство со три члена и годишна потрошувачка од 4.000 киловат-часови, намалувањето би значело заштеда од околу 7,75 евра месечно. За едночлено домаќинство со годишна потрошувачка од 1.500 киловат-часови, олеснувањето би изнесувало околу три евра месечно.
Компаниите, трговските центри и центрите за обработка на податоци, кои трошат значително повеќе електрична енергија, би имале и поголема финансиска корист од мерката.
Парите ќе се обезбедуваат од средствата за обновливи извори
За финансирање на намалувањето ќе се искористат расположливите средства на таканаречената ЕЕГ-сметка, поврзана со финансирањето на производството на електрична енергија од обновливи извори. Колку средства ќе има на располагање во голема мера зависи од пазарните цени на струјата произведена од овие извори. Доколку вишокот на сметката не биде доволен, коалицијата најавува дополнителен пакет мерки за покривање на финансиските потреби во текот на годината.
Во коалицискиот договор двете партии се обврзаа да го намалат данокот за сите потрошувачи. Првичниот план, поради ограничените буџетски средства, предвидуваше олеснување само за индустријата, земјоделството и шумарството. Сега постигнатиот договор треба да биде вграден во буџетот за 2027 година, кој веќе беше усвоен од буџетската комисија.
Од 1 јануари и ограничување на цените на горивата
На состанокот на коалицискиот комитет бил постигнат договор и за активирање на планираното ограничување на цените на горивата од 1 јануари 2027 година. Сојузната влада треба на 2 декември да усвои предлог-закон и соодветна уредба со кои ќе се овозможи примената на мерката. Таа е замислена како одговор на „вонредната кризна состојба“ предизвикана од случувањата во Ормускиот Теснец.
И оваа законска основа ќе биде временски ограничена на 12 месеци. Самата уредба ќе важи три месеци, по што ќе биде направена проценка дали има потреба од нејзино продолжување.
