Руски генерал-полковник Сергеј Милчаков загинал во украински напад во Доњецк

Руските воени канали отвораат сомнеж за предавство однатре, додека официјална Москва молчи за ударот врз штабот на 51-та армија.

Рускиот генерал-полковник Сергеј Милчаков загинал во украински напад врз командно место во окупираниот дел на Доњецката област, јавуваат руски медиуми и воени канали. Милчаков командуваше со 51-та комбинирана армија на руските сили. Нападот се случил на 26 август, а официјален Киев потврди уништување на скриени руски штабови. Москва засега не излегува со официјална потврда за смртта на високиот офицер.

Украинскиот генералиштаб на 27 август соопшти дека извршил успешни удари врз руски командни пунктови во Доњецката област. Министерството за одбрана на Украина тогаш објави дека во прецизната операција биле уништени засолнети командни места и дека се проверуваат информации за големи загуби меѓу рускиот офицерски кадар.

Милчаков директно ги надгледуваше руските воени операции на клучните точки од фронтот во Доњецк.

Руската воена коментаторка Анастасија Кашеварова објави дека ударот бил исклучително прецизен. Таа посочи дека локацијата на командното место најверојатно била откриена поради протекување податоци од внатрешни руски структури.

Официјалните руски воени власти сѐ уште одбиваат да ја потврдат веста.

Рускиот независен медиум „Важни приказни“ наведува дека доколку веста биде потврдена од Кремљ, Милчаков ќе биде 23-ти руски генерал што го загубил животот од почетокот на инвазијата врз Украина.

Првичните непотврдени тврдења на дел од руските Телеграм канали погрешно јавуваа за загинување на Алексеј Милчаков, што подоцна беше демантирано и прецизирано за генералот Сергеј Милчаков.

е-Трн да боцка во твојот инбокс