Гасењето на пожарот на Китка продолжува денес: Ангелов предупредува дека повторно е подметнат

Ангелов апелираше до жителите од околните населени места да бидат особено внимателни и будни. Според него, постојат индиции дека потпалувачите би можеле да доаѓаат од регионот, а надлежните служби работат на нивно идентификување и пронаоѓање.

Пожарот на планината Китка, кој со денови претставува сериозен предизвик за пожарникарите и останатите екипи, денес повторно ќе се гаси од воздух, откако огнената линија повторно се активирала. Според директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, пожарот претходно бил целосно изгаснат, но повторно бил запален, по што огнот брзо се проширил.

„За жал, некои злобници од користољубие или осветнички мотиви упорно го палат пожарот. Со ваквото поведение тие директно го ризикуваат животот на жителите од околните села под Китка“, изјави Ангелов.

Борбата со огнената стихија за заштита на селото Палиград продолжила во текот на целата измината ноќ. Пожарот е особено сложен за гасење поради конфигурацијата на теренот и ширењето на огнената линија.

Ангелов апелираше до жителите од околните населени места да бидат особено внимателни и будни. Според него, постојат индиции дека потпалувачите би можеле да доаѓаат од регионот, а надлежните служби работат на нивно идентификување и пронаоѓање.

Гасењето денес продолжува со ер-трактори, кои ќе бидат ангажирани за справување со пожарот од воздух. Ситуацијата останува динамична, а надлежните служби продолжуваат со напорите огнот да биде ставен под целосна контрола и да се спречи негово повторно активирање.

е-Трн да боцка во твојот инбокс