„Гардијан“: Саудиска Арабија подготвува голема офанзива против Хутите – можно е напад и од море и од копно

Според јеменски извори, Ријад формира поморска коалиција и распоредува сили, додека тензиите околу Црвеното Море и нафтените рути дополнително се зголемуваат.

Саудиска Арабија подготвува голема воена офанзива против Хутите, која би можела да се одвива и по море и по копно во централниот дел на Јемен, објави британскиот весник The Guardian, повикувајќи се на јеменски извори. Според информациите, целта на операцијата е да се стави крај на блокадата што ја загрозува саудиската нафтена трговија преку јужниот дел на Црвеното Море.

Во последните денови, саудиските сили биле забележани како се повлекуваат од источниот дел на Јемен, што, според изворите, може да биде подготовка за копнена операција. Паралелно, Ријад работи на формирање меѓународна поморска коалиција за заштита на трговските бродови од напади во Црвеното Море и теснецот Баб ел-Мандеб.

Хутите воведоа блокада

Хутите, кои имаат поддршка од Иран и контролираат голем дел од западен Јемен, на 20 јули објавија блокада на саудиските бродови. Тие тврдат дека мерката ќе биде повлечена кога Саудиска Арабија ќе ја укине блокадата врз Јемен. Во меѓувреме, саудиското Министерство за одбрана соопшти дека 14 држави, меѓу кои Турција, Египет, Пакистан, Судан и Џибути, ја поддржале иницијативата за мултинационална поморска одбранбена коалиција.

Ријад побарал поддршка и од САД, како и од неколку европски земји, меѓу кои Германија, Франција, Обединетото Кралство и Италија.

Црвеното Море станува клучно за извозот на нафта

Значењето на пловниот пат низ Црвеното Море дополнително порасна по нарушувањата во сообраќајот низ Ормутскиот Теснец. Според извештајот, повеќе од половина од саудискиот извоз на нафта сега по копно се транспортира до терминалите во пристанишниот град Јанбу, од каде се извезува преку Црвеното Море.

Во последните две недели повторно се интензивираа судирите меѓу Саудиска Арабија и Хутите. Бунтовниците тврдат дека нападнале нафтена инфраструктура во Саудиска Арабија, додека саудиските сили возвратиле со воздушни напади врз цели под контрола на Хутите.

И покрај подготовките за евентуална офанзива, Ријад, според извештајот, не сака дополнително да го ескалира конфликтот со Иран и сè уште остава простор за дипломатско решение.

Мета опис:

е-Трн да боцка во твојот инбокс