Под мотото „Зора за планина. Ноќ за музика. Галичник за сите“, на 20 јуни ќе се одржи петтото издание на фестивалот на електронска музика „Галицко“.
Фестивалот, кој од година во година прераснува во едно од најавтентичните летни случувања во земјава, повторно ќе ги спои планината, електронската музика, активниот туризам и заедништвото во уникатниот амбиент на Галичник.
„Галицко“ е создаден во чест на диџеј Ицко, чија голема желба била токму во Галичник да се одржува фестивал на електронска музика. Петта година по ред, неговата сопруга и пријателите продолжуваат да го градат овој проект како еден вид аманет од прерано починатиот диџеј.
Организаторите велат дека „Галицко“ расте од година во година и полека станува препознатлив фестивал за сите што ја сакаат планината, добрата музика и поинаквите летни доживувања.
Влезот и оваа година е слободен за сите посетители.
Програмата е поделена во два дела – Galicko by Day и Galicko by Night. Дневниот дел е посветен на љубителите на активниот туризам, кои ќе можат да изберат велосипедска тура на релација Галичник – Лазарополе – Галичник или планинарско искачување до еден од трите врва: Старци, Меденица или Вели Врв.
Дневна забава ќе има и во хотел „Неда“, каде за музиката под отворено небо ќе бидат задолжени Erik Fox и Nikifor.
Ноќната програма ќе започне на зајдисонце на главната фестивалска сцена, со сетови на младите диџеи од Enso Academy.
Забавата ќе продолжи до по полноќ со настапи на пријателите на диџеј Ицко – Galoski, BDM, Kandar и Lephonq & Martin.
Со спојот на планински пејзаж, електронски звук и слободен влез, „Галицко“ и годинава го претвора Галичник во место каде денот е за планина, а ноќта за музика.