„Од почеток?“: fydhws ја претвора Прага во амбиентален саундтрак

Меѓу напуштени градби, скриени зелени простори и звук што дише бавно, „од почеток?“ отвора тивка приказна за распаѓањето, обновата и градот што постојано се менува.

Стотројка го објави најновото музичко издание на fydhws, насловено „од почеток?“, ново EP кое функционира како саундтрак за истоимениот краткометражен документарен филм на македонскиот музичар и филмски автор Кристијан Петрески, кој живее и создава во Прага.

Станува збор за дело што се движи меѓу филмска документаристика и амбиентална музика, инспирирано од секојдневното движење на авторот низ Прага. Наместо класична приказна, „од почеток?“ гради атмосфера од контрасти: напуштени згради покрај поранешни работни места, скриени шуми помеѓу бетон и цевковод, градилишта во близина на домот на авторот и честите прошетки низ паркот Стромовка.

Почетните, речиси случајно снимени филмски кадри, со текот на времето прераснале во заокружена аудиовизуелна целина, во која градот не е само сценографија, туку жив материјал што се распаѓа, се менува и повторно се составува.

„Овие контрасти постепено ја обликуваа централната емотивна нишка на делото: уништување на она што е веќе труло, за да се направи простор за нешто ново. Машинеријата и природата, колапсот и обновата, темнината и светлината коегзистираат низ целото дело, без да се приклонат кон некаков фиксен наратив“, објаснува авторот Кристијан Петрески.

Новото издание на fydhws, односно фидус, е веќе достапно за јавноста и нуди контемплативно аудиовизуелно искуство во кое звукот и сликата се движат како една иста мисла: што мора да исчезне за нешто повторно да почне?

е-Трн да боцка во твојот инбокс