Фукујама го смени ставот за вештачката интелигенција: „Нè чека политички бунт“

Авторот на „Крајот на историјата“ вели дека повеќе не ги отфрла предупредувањата за ризиците од АИ и предупредува дека најголемиот проблем можеби нема да биде „злобен робот“, туку масовното обезвреднување на човечкиот труд.

Френсис Фукујама, еден од најпознатите современи политиколози и автор на „Крајот на историјата и последниот човек“, вели дека значително го променил својот став кон вештачката интелигенција. Во опширен есеј објавен на „Сабстек“, Фукујама пишува дека со години бил скептичен кон апокалиптичните предупредувања за АИ, но дека случувањата во последните месеци го натерале повторно да ги разгледа ризиците.

Неговата загриженост, сепак, не е насочена само кон можноста машините некогаш да станат суперинтелигентни. Многу пореален проблем, според него, е она што вештачката интелигенција може да му направи на економскиот и политичкиот систем – особено ако голем број луѓе останат без работа или почувствуваат дека нивниот труд повеќе нема вредност.

„Технолошките оптимисти ја преценуваат интелигенцијата“

Фукујама во дебатата за иднината на АИ разликува две главни струи. Од едната страна се акцелерационистите, кои се залагаат за што побрз развој на технологијата и очекуваат огромен економски раст. Од другата се таканаречените „доумери“, кои предупредуваат дека развојот на АИ може да доведе до сериозни, па дури и катастрофални последици. Фукујама вели дека денес е многу поскептичен кон првата група и дека повеќе внимание посветува на аргументите на оние што предупредуваат на ризиците.

Особено ги критикува оптимистичките прогнози на дел од технолошките милијардери, меѓу кои и Илон Маск. Една од неговите забелешки е дека во ваквите визии се преценува улогата на интелигенцијата во економскиот раст, а се потценуваат материјалните ограничувања.

„Основната причина поради која не верувам во тие тврдења е тоа што се преценува интелигенцијата како фактор на економскиот раст, а се занемаруваат материјалните и политичките ограничувања“, пишува Фукујама.

Ако економијата би растела со стапка од 10 отсто годишно, БДП би се удвоил за нешто повеќе од седум години. Но таквиот раст би барал и огромно зголемување на потрошувачката на енергија, суровини, ретки метали и земјиште.

„Интелигенцијата може да помогне во производството, но нема сама да копа рудници ниту да гради фабрики“, истакнува Фукујама.

Први на удар би можеле да бидат високообразованите

Фукујама не го отфрла потенцијалот на АИ да ја зголеми продуктивноста. Но токму тука го гледа и еден од најголемите социјални ризици. За разлика од претходните технолошки револуции, смета тој, овојпат први на удар би можеле да бидат луѓето кои работат со знаење и компјутери. Адвокати, професори, сметководители, програмери и други високообразовани професионалци би можеле да се соочат со значителна промена на своите работни места.

Тоа би создало поинаков вид политички проблем. Ако автоматизацијата во минатото првенствено ги погодувала мануелните работници, АИ сега може да навлезе длабоко и во професии кои долго време се сметале за релативно заштитени од технолошките промени.

Фукујама смета дека ниту универзалниот основен доход не би го решил целосно проблемот. Причината е што работата не е само извор на приходи. Таа на луѓето им обезбедува и чувство на достоинство, самопочит и општествено признание. „Успехот на визијата за забрзан развој води кон обезвреднување на трудот на голем дел од населението“, предупредува тој.

А последиците, според него, би можеле да бидат политички. „Тоа може да доведе до многу бурна политичка реакција и последици кои е тешко да се предвидат“, пишува Фукујама.

Не е потребен „злобен робот“

Фукујама ги отфрла холивудските сценарија во кои машините развиваат сопствена свест, решаваат да се свртат против луѓето и започнуваат да го уништуваат човештвото. Порелевантен ризик, според него, е начинот на кој луѓето можат да ја злоупотребат технологијата. Една од областите што ја издвојува е синтетичката биологија.

Напредните АИ системи би можеле да им помогнат на луѓето во развојот и модификацијата на биолошки материјали, што отвора прашања за можната злоупотреба за создавање опасни патогени или биолошко оружје.

Друг ризик гледа во автономните АИ агенти на кои луѓето им препуштаат одлуки и задачи. Системот, според ова сценарио, не мора да биде свесен за да биде опасен. Доволно е да добие одредена цел и да се обиде да ја постигне на начин кој не ги почитува ограничувањата што луѓето ги поставиле. Така, проблемот не би бил нужно во тоа што машината „мрази“ или „сака“ нешто. Туку во тоа што може да извршува задача на непредвиден начин.

„Време е да повлечеме рачна“

И покрај загриженоста, Фукујама не предвидува нужно исчезнување на човештвото поради вештачката интелигенција. Неговиот страв е поприземен: големи економски, политички и безбедносни потреси доколку развојот на технологијата биде оставен исклучиво во рацете на компаниите што ја создаваат.

„Вештачката интелигенција е алатка која може да се користи и за добри и за лоши цели, а во моментов немаме доволно механизми за спречување на злоупотребите, освен добрата волја на луѓето кои ја развиваат технологијата“, наведува тој.

Затоа Фукујама се залага за координирано забавување на развојот на најнапредните АИ системи и за посилна државна регулација.

Неговата промена на ставот доаѓа во момент кога дебатата за вештачката интелигенција сè помалку се сведува на прашањето „дали машините ќе станат попаметни од нас“, а сè повеќе на многу поконкретни прашања:

Кој ќе ги има работните места?

Кој ќе ја контролира технологијата?

Кој ќе ја плаќа цената на автоматизацијата?

И што ќе се случи кога милиони луѓе ќе почувствуваат дека нивното знаење и труд повеќе не се потребни?

Токму таму Фукујама го гледа потенцијалниот политички земјотрес.

е-Трн да боцка во твојот инбокс