Францускиот филм „Тест на издржливост“ утре во Кинотека

Младешката љубов, класните разлики и притисокот на општеството се во фокусот на францускиот филм „Тест на издржливост“, кој ќе биде прикажан утре, 21 октомври, во 20 часот во Кинотеката во Скопје, во рамките на месечните „Кино средби“.

Може ли љубовта да ги надмине предрасудите и очекувањата на околината? Ова прашање го отвора францускиот филм „Тест на издржливост“ (2025), во режија на Орелијан Пере, кој утре ќе биде прикажан во Кинотеката во Скопје, во организација на Францускиот институт и Кинотеката.

Филмот ја раскажува приказната за 19-годишниот Иго, кој секое лето го поминува одморот во малата семејна куќа на остров во Атлантскиот Океан. Но, ова лето е поинакво. Иго повеќе не е истото момче, а за првпат со себе ја носи и својата девојка Квин.

Таа е козметичарка со силен темперамент, впечатлив стил и вештачки нокти украсени со циркони. Нејзината непосредност и самоувереност се во целосна спротивност со повлеченоста и срамежливоста на Иго.

Нивната врска набрзо го привлекува вниманието на околината, а летниот одмор се претвора во соочување со предрасудите, класните разлики и очекувањата на другите.

Преку интимната приказна на двајцата млади, филмот ги истражува предизвиците на преминот од адолесценцијата кон зрелоста, потрагата по сопствениот идентитет и храброста да се остане доследен на себеси.

Француските медиуми го оценуваат филмот како искрено и емотивно остварување кое отвора важни општествени прашања.

Според филмскиот магазин „Банд а парт“, станува збор за трогателен дебитантски филм што ги обработува крајот на адолесценцијата, класните односи и влијанието на туѓите погледи врз личните избори.

„Франс инфо“, пак, го опишува како филм за правото да бидеме свои и да ги сакаме луѓето што сме ги избрале, дури и кога тоа значи соочување со осуда и неприфаќање од околината.

Во главните улоги настапуваат Феликс Лефевр, Ања Вендероза и Сузан Жуане.

Проекцијата е дел од редовната програма „Кино средби“, преку која Францускиот институт во Скопје и Кинотеката ѝ ги доближуваат современите француски филмски остварувања на македонската публика.

„Тест на издржливост“ ќе биде прикажан во среда, 21 октомври, во 20 часот, во Кинотеката во Скопје. Филмот трае 110 минути и ќе биде прикажан со превод на македонски јазик.


Билетите се во продажба на билетарницата на Кинотеката.

е-Трн да боцка во твојот инбокс