Во Францускиот институт во Скопје денеска во 17 часот ќе биде отворена изложбата „Француски траги – Лична историја на гледањето“ на мултимедијалниот уметник Ѓорѓе Јовановиќ. Модератор на отворањето ќе биде кустосот Владимир Јанчевски.
Изложбата претставува своевидна лична мапа на сеќавања, влијанија и творечки референци. Преку своите дела, Јовановиќ ги истражува трагите што француските уметници, поети, музичари, филмски автори и мислители ги оставиле врз неговото творештво и врз начинот на кој го гледа светот.
Од надреализмот и Андре Бретон до музиката, филмот, фотографијата и поезијата, изложбата поврзува различни уметнички медиуми низ личното искуство и сеќавање.
„Во излогот на Францускиот институт, овие влијанија се претвораат во личен визуелен архив, но и во своевиден автопортрет на авторот – на неговите погледи, сеќавања и творечки сојузништва“, велат од Францускиот институт.
Изложбата е дел од програмата во пресрет на Денот на отворени врати на Францускиот институт, кој ќе се одржи утре, 10 септември.
Посетата на изложбата е бесплатна, но потребна е претходна резервација.