Француските здравствени власти апелираат до граѓаните што купувале презервативи преку интернет или во одредени аптеки итно да се тестираат за сексуално преносливи инфекции. Причината е појавата на опасни и неисправни кондоми во Франција, кои лесно пукаат или имаат фабрички дупчиња. Истрагата покажа дека само преку интернет се продадени над 40.000 небезбедни парчиња без европски сертификат, додека од пазарот и аптеките се повлечени уште 260.000 примероци.
Француската агенција за заштита на потрошувачите (DGCCRF) и Главната управа за здравство (DGS) соопштија дека неисправните производи претставуваат директна закана за здравјето. Покрај ризикот од несакана бременост, главната грижа е ширењето полово преносливи болести.
Инспекторите открија околу триесет различни видови кондоми без задолжителната европска ознака за безбедност CE. Повеќето од нив ги продавале добавувачи од Азија преку големи платформи за онлајн трговија. Властите им наложија на дигиталните платформи веднаш да ги избришат огласите, по што досега се отстранети 36 спорни понуди, а неколку продажни страници најавија воведување построги филтри за проверка.
Проблемот не заврши само на црниот онлајн пазар. Лабораториските тестирања на презервативи што поседуваат CE ознака и регуларно се продаваат во продавници и аптеки покажаа сериозни дефекти кај два конкретни производи.
Кај едниот модел е утврден висок ризик од кинење при употреба, додека кај вториот се откриени фабрички перфорации. Поради овие пропусти, здравствените власти во мај и август повлекоа околу 260.000 примероци од рафтовите, со предупредување до граѓаните да го проверат потеклото на купените кутии и да се консултираат со лекар при секој сомнеж.