Француската влада денеска за првпат ќе го активира националниот кризен план ORSEC како одговор на екстремниот топлотен бран што ја зафати земјата.
Мерката ќе се применува во сите департмани каде што е прогласен највисокиот, црвен степен на тревога поради високите температури.
Ќе бидат отворени разладни центри
Владината портпаролка Мод Брежон соопшти дека ќе бидат отворени разладни центри за најранливите категории граѓани, со цел да се намалат последиците од екстремните горештини.
Кризниот план ORSEC, претставен на 2 јули, предвидува координирана акција на сите јавни служби во услови на екстремно високи температури.
Во рамките на мерките ќе бидат ангажирани дополнителни ресурси, а посебно внимание ќе им се посвети на лицата кои живеат сами и се во изолација.
Девет департмани под највисок степен на тревога
Според најновите информации од француската метеоролошка служба „Метео Франс“, од денеска попладне девет департмани во западниот дел на земјата ќе бидат под црвен степен на тревога, додека во уште 72 е во сила портокалов степен на предупредување.
Метеоролозите очекуваат топлотниот бран, кој трае од 4 јули, да продолжи најмалку до вторник, а од недела повторно се прогнозира дополнително зголемување на температурите.
Расте и бројот на шумски пожари
Долготрајните горештини придонесоа и за зголемување на бројот на шумски пожари.
Само во првата седмица од јули изгореле 9.921 хектар земјиште, што е речиси трипати повеќе во споредба со истиот период минатата година.