FOLTIN LIVE – 30 години концертна енергија на винил

Лимитираната серија рачно нумерирани и потпишани плочи FOLTIN LIVE е наменета за колекционери, аудиофили и долгогодишни почитувачи на бендот

Во атмосфера посветена на музиката, звукот и три децении концертна приказна, во Божиновски Галерија во Битола беше одржана слушачка промоција на FOLTIN LIVE – двојното винил издание кое ja претвора концертната енергија на бендот во трајна звучна меморија.

FOLTIN LIVE ја носи музиката на Фолтин онаму каде што таа најмногу сака да биде: во живо. Изданието е снимено целосно во живо, на врвна аналогна опрема во Пловдив и Скопје, а печатено во Виена според највисоките стандарди за винил продукција.

Резултатот е звучна монографија на концертниот идентитет на Фолтин и документ за бенд кој веќе три децении упорно одбива да остане во само една фиока – па така, без многу објаснување, ги спојува концертот, театарот, перформансот и чистата музичка радост.

На слушачката промоција во Божиновски Галерија, присутните имаа можност повторно да го доживеат звукот на Фолтин, овојпат од винил, во простор кој и самиот ја спојува историјата, современоста и вниманието кон деталот.

Звукот доаѓаше од внимателно интегрираниот систем од 39 звучници во галеријата, од кои дел намерно потсетуваат на камери – суптилна референца на браќата Манаки и нивната камера. Звучниците се изработени од инженерскиот тим на Теохаров.

Лимитираната серија рачно нумерирани и потпишани плочи FOLTIN LIVE е наменета за колекционери, аудиофили и долгогодишни почитувачи на бендот.

Изданието е достапно преку веб-страницата на Фолтин, а плочите може да се подигнат и во продажните салони на Божиновски часовници и накит на Широк Сокак во Битола и на улица Македонија во Скопје. За останатите градови, изданието се испраќа по карго.

Во година во која Фолтин слави 30 години на сцена, а Божиновски 30 години вредност и прецизност, FOLTIN LIVE станува заеднички јубилеен запис – музички документ создаден да остане.

Но, винилот е само едната страна на приказната. Најубавите концертни приказни, сепак, се случуваат во живо.

е-Трн да боцка во твојот инбокс