Фолксваген пред најголеми кратења во последните 90 години: влада и синдикати реагираат

Акциите на Фолксваген оваа година изгубија речиси една третина од вредноста и се на најниско ниво од 2010 година.

Фолксваген би можел следната недела да донесе една од најважните одлуки во својата речиси 90-годишна историја. Управата на компанијата, според пишувањето на германскиот Manager Magazin, разгледува затворање на четири фабрики во Германија и укинување на до 100.000 работни места.

Доколку планот се реализира, би се работело за најрадикално реструктурирање на најголемиот европски производител на автомобили. За негово спроведување е потребна согласност од надзорниот одбор, кој треба да одлучува на 9 јули.

Од компанијата засега не сакаат да ги коментираат наводите пред состанокот, но порачаа дека „цела група, вклучително и брендовите и подружниците, мора да помине низ длабоки промени“.

Можни затворања на фабрики

Според информациите, покрај отпуштањата, би можеле да се затворат фабриките во Хановер, Цвикау и Емден, како и погонот на Ауди во Некарсулм. Тоа би било двојно повеќе од претходно најавените 50.000 отпуштања.

Фолксваген веќе најави мерки за штедење и нова офанзива на модели за да одговори на растечката конкуренција од кинеските производители на електрични автомобили, како и на американските царини.

Силен отпор од синдикатите и политиката

Планот наиде на остар отпор од синдикатите и германските политичари. Работничкиот совет на Фолксваген и синдикатот IG Metall најавија дека ќе се спротивстават на затворањето на фабриките и масовните отпуштања.

„Ако вакви планови се обидат да се спроведат, ќе ги спречиме со сите расположливи средства“, порачаа тие во заедничка изјава.

Против затворањето се изјасни и владата на канцеларот Фридрих Мерц, која истакна дека целта е зачувување на производството и работните места во германската автомобилска индустрија.

Политичка и корпоративна битка

Аналитичарите предупредуваат дека управата ќе има тешкот и да го протурка планот поради специфичната сопственичка структура на компанијата. Покраината Долна Саксонија, каде се наоѓа седиштето на Фолксваген, поседува околу 20% од гласовите и има значително влијание врз стратешките одлуки благодарение на т.н. „Volkswagen закон“.

„Немаат избор, мора да се прилагодат на пазарот, но процесот ќе биде многу сложен поради сите засегнати страни“, изјави аналитичарот Томас Бесон.

Економистот Рико Луман од ING смета дека реструктурирањето е неопходно поради слабостите во европската автомобилска индустрија, бавната електрификација и конкуренцијата од Кина. Акциите на Фолксваген оваа година изгубија речиси една третина од вредноста и се на најниско ниво од 2010 година.

е-Трн да боцка во твојот инбокс