Фолксваген го гаси Сеат до крајот на 2029 година

Германскиот гигант подготвува план за штедење со кој шпанскиот бренд заминува во историја, додека развојниот фокус целосно се префрла кон Купра.
Фото: Russell Trow from London, UK, CC BY 2.0, via Wikimedia Commons

Фолксваген групацијата планира постепено да ја угаси шпанската автомобилска марка Сеат најдоцна до крајот на 2029 година. Овој потег претставува дел од обемниот план за реструктуирање и намалување на трошоците на германскиот автомобилски гигант, а информацијата првично ја објави германскиот неделник „Виртшафтсвохе“ (Wirtschaftswoche). Според најавите, управниот одбор на компанијата веќе го утврдил временскиот рок, а надзорниот одбор треба наскоро да гласа за предлогот.

Шпанскиот производител Сеат повеќе не фигурира во долгорочните оперативни планови на Фолксваген групацијата предвидени за 2030 година. Главната причина за ваквиот чекор е настојувањето на раководството да ја намали сложеноста во секојдневното работење и да го сопре инвестициското оптоварување. Оваа мерка директно ја засега таканаречената групација „Кор“ (Core), структура која ги обединува марките Фолксваген, Шкода, Сеат и Купра.

Продолжувањето на производството на Сеат во досегашниот облик бара дополнителни финансиски средства кои концернот повеќе не сака да ги издвојува. Наместо тоа, инвестициите, развојните капацитети и маркетинг ресурсите целосно ќе се насочат кон помладата и значително попрофитабилна марка Купра.

Одлуката за постепено повлекување на брендот доаѓа во период кога европските производители трпат сериозни пазарни потреси. Извршниот директор Оливер Блум настојува да го прилагоди гигантот на новите реалности преку сеопфатен план за штедење.

Фолксваген истовремено се соочува со засилена конкуренција од кинеските брендови на домашно тло во Европа, со забележителен пад на продажбата во самата Кина и со неизвесност предизвикана од американските царински бариери.

Потегот со Сеат не е изолиран чекор во реорганизацијата. Надзорниот одбор на Фолксваген паралелно прави ревизија на сопствените фабрички погони низ Германија.

На маса се наоѓа долгорочната иднина на фабриките во Цвикау, Емден, Хановер и Некарсулм, каде што се разгледуваат опции за намалување на работните места на глобално ниво. Само неколку дена претходно, раководството соопшти планови за укинување десетици илјади работни позиции во целиот систем со цел зачувување на ликвидноста.

е-Трн да боцка во твојот инбокс