На 10 мај (недела), со почеток во 12:00 часот, во Парк на Франкофонијата, во Општина Центар ќе се одржи еднодневен културно – едукативен настан на отворено во рамки на проектот „Фолклорот како живо наследство“.
Настанот ќе понуди богата концертна програма со настапи на сите возрасни групи на АНИП „Орце Николов“, како и настапи на гости – детски фолклорни групи од Детскиот културен центар – Карпош. Целта е да се поттикне интергенерациско дружење, културна размена и заедничко доживување на
традицијата.
Паралелно со сценската програма, ќе се реализираат и етно креативни работилници наменети за деца, каде преку интерактивен пристап ќе се запознаат со народни ора, песни, традиционални носии и ракотворби. Во реализацијата ќе учествуваат етнолози и етнокореолози, кои ќе овозможат автентично и едукативно искуство.
Проектот има јасна мисија – да го претстави фолклорот како живо, динамично и достапно културно наследство, особено за децата и младите, поттикнувајќи интерес за активно учество и зачувување на традицијата.
Настанот е наменет за граѓаните на Општина Центар, како и за сите жители на Град Скопје и ќе придонесе зголемена видливост на фолклорот во јавниот простор, зајакната младинска вклученост и создавање нови генерации љубители на традиционалната уметност.
Настанот е поддржан од Општина Центар и е дел од богатата културна програма на општината за 2026 година. „Фолклорот како живо наследство“ не е само настан – туку доживување, средба на генерации и потсетник дека традицијата живее преку нас.
Со овој настан организаторите ги покануваат сите љубители на традицијата, семејства и млади заедно да го прослават фолклорот како живо наследство.