ФМУ слави 60 години со концерт на Дино Имери и Бах во Скопје

Јубилејот ќе биде одбележан со бесплатен концерт, а во програмата се и „Голдберг варијации“, едно од најсложените дела на Бах.

Факултетот за музичка уметност во Скопје вечерва ќе го одбележи 60-годишниот јубилеј со концерт на пијанистот Дино Имери. Настанот ќе се одржи од 20 часот во концертната сала на ФМУ, а влезот ќе биде слободен за публиката.

Во центарот на програмата се „Голдберг варијации“ од Јохан Себастијан Бах, едно од најсложените и најпредизвикувачки дела во пијанистичката литература. Имери посочува дека оваа композиција е ретко застапена на светските сцени, бидејќи бара исклучителна техничка подготвеност, уметничка зрелост и целосна изведувачка посветеност.

Ова дело тој минатата година го изведе и во Виена, а наскоро ќе го претстави и пред публика во неколку германски градови, во рамки на турнеја организирана од „Керценконцерте Дојчланд“.

По повод јубилејот, Имери упати честитки до својата матична институција, каде што прво се образувал, а денес е дел од наставниот кадар како вонреден професор. Тој вели дека „Голдберг варијации“ ги подготвува шест години и ја доживува оваа творба како дело што се истражува и созрева низ целиот уметнички живот. За него, секоја нова изведба претставува и голем предизвик и длабоко лично музичко доживување.

Покрај Дино Имери, на вечерашниот концерт ќе настапи и Лина Бојаџиева, студентка во класата на вонреден професор м-р Марија Вршкова, која исто така ќе изведе композиција од Бах.

Од Факултетот за музичка уметност велат дека јубилејот го одбележуваат со засилена концертна активност, семинари и други настани, најавувајќи ново, динамично поглавје во развојот на институцијата.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни