„Фламинго револуцијата“ не запира: Демонстрантите во Тирана бараат оставка од Еди Рама

Четириесет дена по почетокот на протестите, граѓаните во Тирана повторно излегоа пред кабинетот на албанскиот премиер Еди Рама. Движењето што започна како отпор против уништувањето на заштитено природно подрачје прерасна во поширок бунт против корупцијата, политичката неказнивост и управувањето во корист на моќните инвеститори.

Демонстрантите на „Фламинго револуцијата“ во Тирана побараа неотповиклива оставка од премиерот Еди Рама и од целиот владин кабинет, на 40-тиот ден од протестите што секоја вечер се одржуваат во центарот на албанската престолнина.

Пред кабинетот на премиерот повторно се слушаа повици за оставка и пораки против актуелниот политички систем. Меѓу скандирањата беа „Рама во затвор“, „Бериша во затвор“ и „Нова Албанија“, со што демонстрантите покажуваат дека нивниот револт не е насочен само кон власта, туку и кон долгогодишната политичка елита во земјата.

Преодна влада и нов Устав

Учесниците на протестите објавија листа на барања за кои велат дека нема да преговараат.

Покрај оставката на Рама и на министрите, тие бараат формирање непартиска техничка влада со мандат од 12 месеци, која би требало да го подготви теренот за подлабоки политички и институционални промени.

Меѓу барањата е и донесување нов Устав, одобрен на референдум, кој би гарантирал еднаквост на граѓаните пред законот. Демонстрантите предлагаат и промени во изборните правила, финансирањето на политичките партии и ограничување на премиерската функција на најмногу два мандата во текот на животот на еден политичар.

Од заштита на природата до бунт против системот

„Фламинго револуцијата“ започна кон крајот на мај како еколошки протест против планираните туристички и градежни проекти во чувствителното подрачје Вјоса–Нарта, каде што се наоѓаат важни живеалишта на фламинга, морски желки и други заштитени видови.

Контроверзиите се поврзани со плановите за изградба на луксузни туристички комплекси на островот Сазан и во крајбрежното подрачје кај Звернец, зад кои стојат инвестициски компании поврзани со Џаред Кушнер, зетот на американскиот претседател Доналд Трамп.

Фламингото стана симбол на отпорот против проектите и против законските измени со кои, според активистите, се намалува заштитата на природните подрачја за да им се отвори простор на големите инвеститори.

Но, протестите брзо ги надминаа еколошките барања. Незадоволството прерасна во пошироко движење против корупцијата, нетранспарентните деловни договори, економската нееднаквост и политичкиот систем за кој демонстрантите сметаат дека со децении им служи на олигарсите, а не на граѓаните.

Бараат поништување на спорните закони

Демонстрантите бараат да бидат повлечени измените на Законот за заштитени подрачја и Законот за културно наследство, како и законските решенија познати како „Планински пакет“.

Тие бараат и укинување на правната рамка за таканаречените стратешки инвестиции, за која критичарите велат дека овозможува големи проекти да се реализираат без доволна јавна контрола и транспарентност.

На протестот беше побаран и нов општествен договор меѓу граѓаните и државата, кој би бил подготвен преку консултации со експерти, интелектуалци и непартиски граѓани.

Иако Рама ги брани туристичките проекти како можност за економски развој и модернизација на Албанија, демонстрантите порачуваат дека природата, јавниот интерес и државните институции не смеат да бидат ставени на продажба.

е-Трн да боцка во твојот инбокс