Паркот „Патрик“ во Општина Аеродром доби нова фитнес-зона, прва од вкупно пет вакви зони што општината ги најавува за оваа година.
Од Општина Аеродром информираат дека продолжуваат со создавање повеќе места за спорт, рекреација и активен живот.
Најавени уште четири фитнес-зони
„Поставена е првата од вкупно пет нови фитнес-зони планирани за оваа година, во паркот „Патрик“. Во следниот период продолжуваме со поставување фитнес-зони и во Острово, Ново Лисиче, Тодор Чангов и Долно Лисиче“, порачаа од Општина Аеродром.
Новите справи треба да овозможат повеќе простор за рекреација на отворено, особено за жителите кои сакаат да вежбаат во близина на своите населби.
Жолта трева и прашина околу справите
Но, од фотографиите се забележува дека околу партерот на фитнес-зоната тревата е пожолтена, како и во поголем дел од општината.
Газењето по таква сува површина лесно крева прашина во воздухот, што ја доведува во прашање удобноста и квалитетот на просторот за вежбање.
Наместо чист и свеж воздух, граѓаните што ќе ги користат справите може да се соочат со прашина, особено во летните денови кога зеленилото е исушено, а температурите се високи.
Фитнес-зоните бараат и уредена околина
За ваков тип простор, нормална и очекувана глетка би била околу справите да има зелена, ниско поткосена и редовно одржувана трева.
Фитнес-зоните се добредојдени за населбите, но нивната вистинска вредност зависи и од околината во која се поставуваат.
Рекреација на отворено има смисла кога просторот е уреден, чист и пријатен за користење, а не само кога се поставени справи.