Дигиталните платформи, брзите видеоформати и генералната криза во новинарството сериозно го загрозуваат опстанокот на професионалната филмска критика. Ова беше главниот заклучок од панел-дискусијата „Филмска критика во ера на алгоритми?“, која се одржа на 25 август во просториите на „Лабораториум“ во Скопје, во рамките на 17. издание на Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“.
Панел-дискусија за киното и за филмската критика со наслов „Филмска критика во ера на алгоритми?“, на која учествуваа Марина Костова (Северна Македонија) – филмска критичарка, потпретседателка на ФИПРЕСЦИ, Марина Д. Рихтер (Австрија) – филмска критичарка, новинарка и фестивалска селекторка, Муртада Елфадл (САД) – филмски критичар, новинар и селектор, со мoдераторство на Кристин Камдесу (Франција) – извршна и уметничка директорка на ФИПАДОК, се одржа на 17. „МакеДокс“ на 25 август во „Лабораториум“.
Филмската критика е дел од филмската култура веќе одамна – не само во однос на оценувањето филмови, туку и при создавањето простор за дијалог, предизвикувајќи ги доминантните наративи и помагајќи им на гледачите да се ангажираат околу филмот. Сепак, начините на кои денес откриваме, дискутираме и препорачуваме филмови се имаат сменето од корен.
Модераторката Кристин Камдесу (Франција), која доаѓа од позиција на извршна и уметничка директорка на ФИПАДОК, на почетокот истакна дека никогаш не одела во филмска школа, иако целиот живот се занимава со филмската уметност. Претставувајќи ги учесниците во дискусијата, таа истакна дека низ разговорот би сакала да го слушне неочекуваното, да дознае нешто повеќе од тоа што го нудат алгоритмите на социјалните медиуми, бидејќи не сака да зборуваат за Вештачката интелигенција, туку за Човековата интелигенција.
Првото прашање беше упатено до Марина Д. Рихтер (Австрија), филмска критичарка, новинарка и селекторка на филмски фестивали, која зборуваше за сегашната состојба на филмската критика. Таа истакна дека социјалните медиуми наметнаа нови тенденции и дека филмските критики почнаат да се објавуваат во видеоформати или со зборовни пораки, а на таа сметка повеќето класични и печатени медиуми, кои објавуваа пишувани критики, почнаа да згаснуваат. Како последица на згаснувањето на печатените медиуми пред филмските критичари се отворил предизвик да продолжат со својата работа со желба и страст за филмската уметност и притоа да најдат нов медиум каде што би можеле да ги пласираат своите пишувани рецензии. Во однос на документарните филмови таа додаде дека работата е уште поспецифична и дека самите критичари треба на своја рака да се обидат да најдат медиум каде што би ја објавиле својата критика за одредено документарно остварување. Некои од критичарите оформиле лични блогови за да продолжат да се занимаваат со својата професија, но тоа е процес што често трае многу години за да се стигне до поголема читаност и посетеност на блогот.
Филмската критичарка и новинарка Марина Костова (Северна Македонија) во своето обраќање рече дека имала среќа да работи и во печатен и сега во електронски медиум и дека успеала да опстане како филмска критичарка во изминатите 25 години. Кризата со филмската критика Костова не ја поврза со алгоритмите на социјаните медиуми, туку со глобалната криза во новинарството, која се појави на почетокот на 2000-те години. Таа криза предизвикала комплетна дезинтеграција на културниот сектор во медиумите така што се појавил парадокс да има голем број филмски фестивали низ светот, а да опстојат многу малку новинари што пишуваат за филмската уметност и кои немаат доволно простор во медиумите да ја пласираат својата критика. Дополнително, таа истакна дека не ја плаши ширењето на социјалните медиуми, туку тоа што во медиумите има недостиг на уредници и професионални новинари. Од друга страна, генераторите на вести, кои веќе постојат, објавуваат неселектирани и непроверени информации.
Филмскиот критичар и новинар Муртада Елфадл (САД) прво објасни дека професионалното занимавање со филмска критика воопшто не е комотна работа. Покрај неопходното познавање на филмските уметност, теорија и јазик, новинарот мора да одговори на кратките крајни рокови за објава на својата рецензија, што постојано го става во состојба на стрес и притисок. Притоа, тој објасни дека филмската критика никогаш не била масмедиум и дека мал број професионалци пишуваат за филмот, но и мал круг на читатели ги читаат нивните критики. Новите медиуми создадоа нови генерации кои имаат сосема други навики на информирање за филмот и музиката. Тој истакна дека и пишувањето филмска критика е уметност и дека тој сака да има демократизација на изразот, но мора да се имаат повисоки стандарди во напишаните текстови и дека мора да се избегне стапицата на копи/пејст новинарството.
Марина Костова дополни дека пишувањето филмска критика никогаш не било само давање свое мислење за одредено филмско дело, туку тоа е отворен дијалог со авторите во филмската уметност што трае со години.
Во дискусијата се вклучија и присутни на панелот, а повеќето од нив посочија дека постојат многу алгоритми, но прашањето е како тие да се впрегнат во поддршка на филмската уметност, и особено на професионалната филмска критика.
Модераторката Кристин Камдесу ја заокружи дискусијата со заклучокот дека филмската индустрија, како и филмската критика, е родена во криза и цело време опстојува во криза и дека новите алгоритми не можат да го променат тоа.
На панел-дискусијата беше планирано и учество на Алфонсо Ривера (Шпанија) – филмски критичар, новинар и член на ФИПРЕСЦИ Шпанија, но поради обврски кон медиумот во кој работи и исполнувањето на крајниот рок на неговите содржини, тој упати извинување до колегите што не можеше да присуствува.