Филмот за Мајкл Џексон: возбудата е голема, а првите критики сурови

Додека публиката со нетрпение го чека биографскиот филм „Michael“, првите реакции од критиката предупредуваат на стерилизирана и идеализирана приказна што бега од најконтроверзните делови од животот на кралот на попот.

Додека светот и фановите се возбудени за новиот биографски филм за Мајкл Џексон, директната и искрена анализа на Дејвид Муриканд на Euronews ги намалува очекувањата на сите оние кои досега не го изгледале филмот. И без разлика дали сте фанови на биографските филмови или не, кралот на попот, неговиот живот и контроверзии, сигурно барем малку го привлекува вашето внимание.

Но, според Муриканд, „Michael“ не е само разочарување, туку филм што сериозно ја промашува можноста да раскаже комплексна и вистински важна приказна. Во својата анализа за Euronews Culture, тој уште во насловот порачува дека филмот е „лош, навистина, навистина лош“, поставувајќи јасен тон за сè што следува.

Режиран од Антоан Фукуа, познат по „Training Day“ и серијалот „The Equalizer“, а со Џафар Џексон во улогата на неговиот покоен вујко, ова е првиот официјален биографски филм за Мајкл Џексон. Филмот го следи неговиот живот од раните денови во Мотаун со Jackson 5, па сè до објавувањето на албумот „Bad“ во 1987 година, односно периодот на славните години пред обвинувањата за злоупотреба на деца.

За авторот, споредбата со други биографски и ПР-обоени филмови доаѓа сосема природно. „Bohemian Rhapsody“ како плитка биографија за Фреди Меркјури, „Back To Black“ како филм за Ејми Вајнхаус што повеќе личи на маркетиншки трик, а „United Passions“ како пример за пропаганден проект поврзан со ФИФА.

Во таа линија е сместен и „Michael“. Иако на крајот се најавува продолжение со пораката „His story continues“, филмот уште сега остава впечаток на отворено идеализирана приказна. Наместо да се соочи со спорните и темни делови од животот на Мајкл Џексон, тој ги оттурнува на страна и гради внимателно исчистен портрет.

Во тој список на премолчени теми, Муриканд ги вклучува обвинувањата за насилна злоупотреба од неговиот татко Џо, кого го игра Колман Доминго, потоа раните средби со сексот, како и растечката телесна дисморфија на Џексон, поврзана со цената што врз него ја оставиле славата и траумата. Наместо сложен портрет на човекот зад митот, критичарот смета дека публиката добива драма без вистинска драма, формулаичен производ што повеќе личи на внимателно контролиран обид да се продадат уште албуми отколку на сериозен филм.

Во анализата се вели дека биографијата е толку стерилизирана што станува речиси проѕирна, а најмногу им се обраќа на фанови кои сакаат да ги слушнат хитовите и да видат реконструкции на препознатливи моменти од кариерата на Џексон. Според Муриканд, во филмот нема ништо што убедливо покажува што го натерало едно младо момче да стане една од најславените музички фигури на 20 век.

Особено остар е и кон одредени сцени во кои Џексон е прикажан како грижлива фигура што посетува болници и седи покрај креветите на болни деца. За Муриканд, токму тие моменти се толку очигледни во намерата да го „испеглаат“ неговото проблематично наследство, што практично ја откриваат раката на оние што стојат зад контролата на филмот. Тој дури замислува и саркастичен разговор меѓу луѓето што стојат зад проектот, во кој контроверзиите околу Џексон се негираат или едноставно се оттурнуваат на страна, за на новата публика да ѝ се понуди бездушен и лесно сварлив производ што ќе донесе милиони на кино-благајните.

Сепак, критиката не е целосно без признание за талентот на луѓето вклучени во проектот. Муриканд јасно признава дека и пред и зад камерата има талент. Но, според него, Фукуа во овој случај делува како корпоративен извршител на туѓа агенда, додека Џафар Џексон, иако нуди навистина импресивна имитација на својот вујко, останува заробен во филм што толку многу се плаши да не навреди некого, што заборава да биде барем малку интересен.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни