Филмот „Преекспонирано“ со специјална награда на фестивалот во Катанија

Меѓународното жири на фестивалот „КинЕст Фест“ го награди филмот „Преекспонирано“ со специјална награда поради режисерското мајсторство на држење на тензијата во куќата помеѓу тројцата карактери, соопшти продукцијата ДНФ.

Фестивалот „КинЕст Фест“ е посветен на кинематографијата на источна и централна Европа. Го организира фондацијата „Долина Миру“ во Катанија на Сицилија и трае речиси цел месец.

Светската премиера на филмот „Преекспонирано“ се случи на А фестивал во официјална конкуренција на Меѓународниот филмски фестивал во Каиро, кој се одржа од 13 до 22 ноември, минатата година. Азиската премиера, пак, се одржа на Меѓународниот филмски фестивал во Пуне, Индија од 2 до 9 февруари оваа година. Филмот се прикажа и на фестивалот „Евроазја“ во Варшава, а имаше и успешна домашна турнеја.

„Преекспонирано“ сѐ уште се наоѓа на репертоар на киното Милениум во Скопје.

Улогите ги толкуваат: Камка Тоциновски, Благој Веселинов, Сара Климоска, Марјан Наумов… Кинематографер е Лев Предан Коварски, музиката е на Линдзи Рајт, сценографијата на Срѓан Митровиќ, сценариото го напиша Елеонора Венинова, монтажер на филмот е Гоце Кралевски, костимите се на Жаклина Крстевска, монтажер за звук е Дарко Спасовски, а режијата на Елеонора Венинова, продуцент е Гоце Кралевски (ДНФ ФИЛМС), ко-продуцент е Мирјана Томиќ (ЛИЛИТ-Србија). Филмот е поддржан од Агенција за Филм, Српски Филмски Центар и Еуримаж.

е-Трн да боцка во твојот инбокс